
Поранешниот косовски претседател и еден од лидерите на ОВК, Хашим Тачи денеска пред Специјалниот суд се изјасни како невин, околу новите обвинувања од потврдениот дополнет обвинителен акт, објавено е на сајтот на Специјализираните совети.
Пред судот денеска ќе се појават и Кадри Весељи, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, јави Коха.
Специјалното обвинителство на 29 април 2022 година поднесе изменето обвинение против Тачи, Весељи, Селими, Красниќи.
Новите обвиненија се однесуваат на воени злосторства и злосторства против човештвото во Гњилане, Будаково и во Семиниште.
Како и во претходното, така и во новото обвинение, четворицата се теретат за убиство, мачење, нехуман третман и противзаконско апсење. Се теретат за низа злосторства извршени во неколку притворни центри во периодот од 1998 до 1999 година.
Од ноември 2020 година, тие се во притвор на Специјалниот суд.