Хејли за „Договорот на векот“: За ракоплескање се потребни две раце

Поранешната американска амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, за таканаречениот „Договор на векот за мир на Блискиот Исток“ на претседателот Трамп изјави дека „две раце се потребни за некого да поздравите”.

Израелските медиуми пренесуваат дека таа смета дека нема да има мировен процес доколку Израелците и Палестинците не сакаат да учествуват во него.

Договорот на векот предизвика многубројни шпекулации бидејќи деталите се уште не се објавени, а Трамп најави дека тоа наскоро ќе се случи.

Во медиумските информации се сугерира дека договорот предвидува анексија на големи делови од окупираниот Западен брег и прокопување тунел меѓу Појасот Газа и Западниот брег. Овие информации, сепак, не се потврдени.

Хејли за израелските медиуми кажа дека не се во право оние кои ја изразуваат загриженоста дека планот се објавува во овој момент пред парламентарните избори во Израел, закажани за 2 март, како обид гласачите да се свртат на страната на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Таа смета дека секогаш може да се каже дела американскиот план е „објавен пребрзо и прерано“ и дека во таква ситуација не може да се победи.

Трамп денеска ќе има одвоени средби со Нетанјаху и неговиот политички опонент Бени Ганц во Вашингтон, а утре во Белата куќа ќе одржи прес конференција со Нетанјаху.

Палестинците не се консултурани за долгоочекуваниот план и однапред го отфрлија.

Очекувањата се дека планот ќе биде во корист на Израел и дека има мали шанси за успех бидејќи Палестинците тврдат дека Белата куќа е нефер и пристрасна кон Израел.