Во ХЕЦ „Шпилје“ кај Дебар, во првите пет месеци од годинава произведени се 69 милиони киловат часови електрична енергија, благодарение на поволната хидрологија присутна, посебно во април и мај, како и подготвеноста на електромашинската опрема да ги прими и преработи сите количини на вода.
„Ако до крај на март поради сушната зима имавме релативно низок водостој и акумулацијата беше исполнета под 50 отсто, дождовите во април и мај поволно влијаеа врз заголемување на дотеците и значително ја подобрија хидролошката состојба. Имаме одличен водостој за овој период од годината што гарантира стабилно производство во текот на летниот и есенскиот период“, велат од ХЕЦ „Шпилје“.
Моментно акумулацијата „Дебарско Езеро“ е исполнета околу 91 отсто и има резерва на вода за производство на над 36 милиони киловат часови електрична енергија. Нивото на акумулацијата изнесува 570 метри или уште два метра до максималната кота, но присутен е тренд на опаѓање на водостојот поради намалување на дотеците.
Електраната е во солидна состојба и произведува во согласност со потребите на електро-енергетскиот систем на Република Македонија. Солидната резерва гарантира уште една добра производна година во овој значаен електро-енергетски објект, каде годишниот план предвидува проиводство на 282 милиони киловат часови електрична енергија.