Хеликоптерот на NASA не го оствари четвртиот лет на Марс, денеска повторен обид

Марсовскиот хеликоптер „Ingenuity“ не успеал да го изведе четвртиот пробен тест кој требаше да биде остварен во четвртокот, а стручњаците ги испитуваат причините зошто леталото не успеало да се подигне од површината на Црвената планета, соопшти американската агенција за вселенски истражувања NASA и додава дека во петокот ќе биде направен нов обид.

„Марсовскиот хеликоптер не се подигна од површината во својот амбициозен четврти пробен лет, но експертите ги проучуваат податоците и наскоро ќе го повториме обидот“, се наведува во објавата на агенцијата на Twitter.

Првично не беше познат тајмингот за повторниот обид, имајќи ги предвид растојанието и доцнењето во комуникацијата со уредот на Марс, за што се процени дека ќе биде потребно најмалку еден ден. Подоцна NASA објави дека обидот ќе биде повторен во петокот 30-ти април, околу 20,40 часот по македонско време.

Според плановите на NASA, мини вселенскиот хеликоптер ќе се искачи на височина од 5 метри и ќе лета во јужна насока на далечина од 133 метри од својата базна локација со брзина од оолу 3,5 метри во секунда.

Хеликоптерот „Ingenuity“, кој тежи 1,8 колограми, на 19-ти април во текот на својот прв историски лет на земјин уред на друга планета се искачи на височина од 3 метра во летот кој траеше само 39,1 секунди. На 22-ри април, леталото се искачи на височина од 5 метри и прелета 2 метра. Веќе на 25-ти април, хеликоптерот успеа да измине растојание од 50 метри и да се врати на почетната позиција, достигнувајќи рекордна брзина од 2 метра во секунда, односно 7 километри на час.

Хеликоптерот, чие градење чинеше 80 милиони долари, беше спиштен во кратерто Језеро на Марс заедно со роботизираниот ровер „Perseverance“ на 18-ти февраури. Целта на мисијата е да се обиде да најде траги за можно постоење на некаква форма на живот во дамното минато на Црвената планета. Роверот ги контролира летовите на хеликоптерот и ги пренесува на Земјите снимките и другите податоци добиени во текот на пробните летови.