Најмалку шест лица ги загубиле животите во неделата во Германија, Полска и Чешка во невремето што го предизвика бурата Херварт проследена со поплави, пренесуваат во понеделникот локалните медиуми.
Како што извести Radio Poland, на северот од Полска маж загинал кога со автомобилот удрил во дрво урнато од силниот ветер на коловозот. Уште еден маж загинал во југозападниот дел од земјата откако врз неговото возило се урнало стебло. Во многу полски региони локалните власти издадоа предупредување за невреме коешто на сила е и во понеделникот.
Телевизијата Euronews пренесе дека во Чешка жртви на невремето се две лица, маж и жена, врз кошто се урнале дрвја. Железничкиот сообраќај во земјата делумно е во прекин. Зоолошката градина во Прага од неделата е затворена за посетители.
Илјадници домаќинства и во двете земји поради невремето останале без снабдување со електрична енергија, пренесуваат медиумите.
Како што беше претходно известено од порталот Nord24, во северна Германија во поплавите предизвикани од невремето се регистрирани два смртни случаи, во сојузните покраина Долна Саксонија и во Северна Рајна-Вестфалија, а има и неколку настрадани.
Силните поплави предизвикаа и оштетување на железничката инфраструктура на могу правци во северна и во централна Германија.
Циклонската бура Херварт ја погоди Германија во неделата бвечерта со налети на ветрот од 50 километри на час. Во неколку делови од земјата поради откорнатите стебла отежнато е движењето на возовите, има прекин во снабдувањето со електринчна енергија, а блокирани беа и автопати.