Хет-тик на Дибала за победата на Јувентус кај Сасуоло

Актуелниот фудбалски првак на Италија, Јувентус, забележа победа и во 4-то коло од новата сезона, совладувајќи го како гостин Сасуоло со 3:1 (1:0), благодарејќи на тројниот стрелец Дибала.

Хрватскиот интернационалец Марио Манџукиќ во 16 минута со прецизна топка од позицијата на лево крило го проигра Паоло Дибала кој со удар од 20-ина метри го совлада неможниот голман на Сасуоло.

Разиграниот Дибала во второто полувреме постигна уште два ефектни гола, во 49 минута со удар „од колено“ погоди од работ на шеснаесетникот во поблискиот агол од противничкиот гол а потоа во 63 минута од слободен удар да го постави конечниот резултат.

Во меѓувреме Сасуоло во 51 минута успеа да намали на 1:2 преку Политано.

Јувентус со оваа победа се задржа на врвот од табелата пред Интер. Двата клуба имаат максимален ефект и 12 бодови, но „Старата дама“ има за еден гол подобар скор.