Вооруженото движење Хезболах потврди дека нивниот повеќедецениски лидер Хасан Насрала е мртов.
Во нивното сооптение тие ветија дека ќе продолжат да се борат против Израел, пренесе Скај Њуз.
„Раководството на Хезболах се обврзува на највисокиот, најсветиот и најскапоцениот маченик на нашиот пат полн со жртви и маченици, да го продолжи својот џихад во соочувањето со непријателот, поддршката на Газа и Палестина и одбраната на Либан и неговиот непоколеблив и чесен народ“, се вели во соопштението.
Војската на Израел денека соопшти дека Израел е во состојба на готовност за поширок конфликт откако претходно објави дека го убиле лидерот на Хезболах, Саид Хасан Насрала во Бејрут. Израелската армија се надева дека неговата смрт ќе ја принуди групата да го промени курсот.
„Се надеваме дека ова ќе ги промени акциите на Хезболах“, рече потполковникот Надав Шошани на брифингот за медиумите откако војската соопшти дека го убила Насрала во воздушен напад на седиштето на Хезболах во Бејрут.
Шошани рече дека сепак ќе биде потребно време за да се намалат борбените способности на Хезболах, кој е поддржан од Иран.
„Го гледаме Хезболах како извршува напади против нас веќе една година. Слободно може да се претпостави дека тие ќе продолжат да ги извршуваат своите напади против нас или ќе се обидат да го направат тоа“, рече тој.
Шошани рече дека нема дадено нови инструкции на израелските цивили во врска со борбената готовност, бидејќи сегашните упатства веќе ставија голем дел од земјата во состојба на готовност.
„Хезболах го ескалира ова веќе една година… Иран јасно стои зад ова, не е тајна. Тие го поддржуваат Хамас, го поддржуваат Хезболах и нивните други сојузници. Дури и директно нѐ нападнаа во април. Значи, дали сме подготвени за поширока ескалација? Да. Ние сме во поширока ескалација, војна на повеќе фронтови, веќе една година. Нашите сили се во состојба на готовност, нашето разузнавање е подготвено и бара ваков тип на закани“, рече потполковникот.