Либанското шиитско движење Хезболах соопшти дека извршил „одбранбен предупредувачки напад“ во понеделникот против позицијата на израелската армија во спорната област на земјоделските добра Шеба, наведувајќи го израелското прекршување на примирјето, вклучително и воздушни напади и гранатирање во Либан.
Израелската армија соопшти дека Хезболах истрелал две ракети, но дека нема жртви. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот изјави дека Израел „силно“ ќе одговори на нападот.
Претходно, либанската државна Национална новинска агенција (NNA) објави дека израелските сили истрелале две артилериски гранати врз населбата Беит Лиф во јужен Либан во областа Бинт Џбеил и отвориле митралески огна врз Јарун.
Никој не е повреден во ниту еден од овие напади, соопшти NNA, но има ранети во одделен израелски напад во градот Талус.
Либанските власти соопштија дека во израелските напади врз јужен Либан во понеделникот се убиени најмалку две лица, бидејќи примирјето што следеше по повеќе од една година непријателства меѓу Израел и Хезболах се чини сè покревко.
Според прекинот на огнот, кој стапи на сила на 27 ноември, Израел нема да спроведува офанзивни воени операции против цивилни, воени или други државни цели во Либан, додека Либан ќе ги спречи вооружените групи, вклучително и Хезболах, да спроведуваат операции против Израел.
Едно лице загина во израелски воздушен напад врз јужниот либански град Марџајун, десет километри од северната граница на Израел, соопшти либанското Министерство за здравство.
Либанската агенција за безбедност објави дека во напад на израелско беспилотно летало е убиен припадник на нивните сили додека биле на должност во Набатие.
Израелската армија сѐ уште не одговорила на прашањата за инцидентите во Марџајун и Набатие.
Претседателот на либанскиот парламент Набих Бери, сојузник на Хезболах и главен преговарач за прекин на огнот во Бејрут, рече дека Либан досега забележал најмалку 54 израелски прекршувања на примирјето.
Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар негира дека неговата земја го прекршува договорот и вели дека проблемот е што Хезболах го движи оружјето и преминува јужно од реката Литани, пркосејќи на минатонеделниот договор.
„Израел е посветен на успешното спроведување на прекинот на огнот, но нема да прифатиме враќање на ситуацијата како што беше на 6 октомври 2023 година“, рече Саар.