Во македонските медиуми се појави информациja во врска со божемното симнување од програмата на Македонското Радио на култната емисија -Хихирику- и нејзиното згаснување по 35 години емитување. Со жалење констатираме дека информацијата што допре до слушателите на можеби најслушаната емисија на Македонското Радио во врска со нејзиното згаснување е само обид да се замагли вистината и да и се даде поинаква конотација, реагираат од МРТ. За цензурата на медиумите и наводниот прекин на Хихирику, обвини новинарот и колумнист, Ерол Ризаов, на форумот за медиуми организиран од Југоисточна медиумска организација.
„Хихирику ниту е симната од програма, ниту цензурирана. Времињата на цензура се одамна поминати и не се карактеристични за оваа генерација во МРТ. Можеби авторот на оваа глупост зборува за времето кога тој бил долги години уредник. Единствената вистина во овој случај е дека МРТ поради спроведување на постапка за јавни набавки за избор на агенција за исплата на авторски хонорари има задоцнето во исплата на хонорарите. Ова не е само за авторите и изведувачите на овој проект, туку за сите автори и изведувачи – ангажирани на сите проекти во МРТ. Хихирику- продолжува со својата племенита мисија- да насмејува, да критикува и да сатиризира. Искрено жалиме за недоразбирањата во јавноста и за инволвирањето на прекрасната екипа на –Хихирику- во целиот овој случај. МРТ не се откажува така лесно од своите брендови, бидејки тие се создаваат толку долго и макотрпно и претставуваат вистинско богатство за овој наро“, стои во реакцијата на МРТ.