Амбасадорот на САД во Србија Кристофер Хил изјави дека разбира оти Србија има долга и тешка историја на санкции, како и дека САД го разбираат тоа, но дека сепак треба добро да погледнат каде стојат нејзините национални интереси и дека тој е убеден дека пред или подоцна види дека се на Запад, пренесе Бета.
„Би ги предупредил Србите да разберат дека ова не е нивната „мајка Русија“, ние си имаме работа со многу поинаква Русија“, изјави американскиот амбасадор во синоќешното интервју за РТС.
Хил рече дека знае дека е тешко и дека Србија со децении има добри односи со Русија, но дека ова е многу поинаква Русија, Русија која брутално ги напаѓа соседите и дека Србија треба да се изјасни.
„Ако ја погледнете Европа, многу малку земји, ми се чини дека само Белорусија и Србија не воведоа санкции кон Русија. Прашањето е дали Србија сака да остане во тоа друштво. Многу земји воведоа санкции и тоа ги чини. Прашањето е дали санкциите тие можат да влијаат на однесувањето на Русија, но сепак ги донесоа затоа што разбираат дека треба да бидат обединети и да се спротивстават на она што го прави Русија“, рече Хил.
Тој додаде дека не мисли дека некој и се заканува на Србија по тоа прашање, туку дека смета дека другите земји бараат од Србија да се изјасни.
„Дали ќе седите на оградата меѓу доброто и злото, тоа ли е место за вашиот национален интерес. Луѓето поставуваат тешки прашања“, рече тој, додавајќи дека прави разлика помеѓу поставување тешки прашања и закани за Србија.
Зборувајќи за можната помош на САД во случај Србија да биде засегната доколку воведе санкции кон Русија, американскиот амбасадор рече дека неговата земја работи на тоа Србија да има различни снабдувачи со енергија и ќе продолжи да го прави тоа, како и дека тоа е во интерес на двете страни.
„Дефинитивно има политички трошок вклучен во цената, и секоја земја, вклучително и Србија, треба да биде загрижена кога снабдувачот на основните потреби за греење и електрична енергија ќе го врзе за нивните политички потреби, како што тоа го прави Русија со Србија и другите“.
Осврнувајќи се на прашањето за Косово, Хил рече дека разбира оти тоа е големо прашање за народот на Србија, но ги повикува да ја видат разликата меѓу ситуацијата на Косово и моменталната ситуација во Украина.
„Разбирам дека ова е големо прашање за народот на Србија. Но, исто така ги повикувам да ја разберат големата разлика помеѓу тоа многу тешко прашање и ситуацијата во која сега имаме голема сила која се однесува поинаку и се обидува да ја искористи за самото нешто што му припаѓа на соседот. И тоа е многу поинаква ситуација. И мислам дека не е добро да се навраќаме на историските сличности, мислам дека треба да се свртиме кон решавање на ситуацијата што ја имаме денес“, рече Хил.