Ходорковски сака да се насели во Швајцарија

Рускиот опозиционер и некогашен олигарх Михаил Ходорковски сака да се насели во швајцарскиот град Раперсвил-Јон на брегот на Циришкото езеро, изјави денеска неговиот портпарол.Тој ја потврди информацијата на швајцарските медиуми.

Ходорковски кој во декември 2013 година беше ослободен после 10 години поминати во затвор побара од швајцарските власти дозвола за престој.

Поранешниот милијардер некогаш најбогат човек во Русија, беше осуден за проневера, кражба на нафта и перење пари, иако Западот од почетокот сметаше дека е жртва на политичка освета бидејќи го критикуваше рускиот претседател Владимир Путин.

По ослободувањето, Ходорковски ја напушти Русија и отпатува за Германија, каде што му е одобрена виза за една година. Но по неколку дена, тој поднесе барање за швајцарска виза.

По доаѓањето во Берлин, поранешниот олигарх потврди дека побарал амнестија од рускиот престедател „поради семејни причини“, но негираше дека ја признал вината. Исто така наведе дека нема да се враќа во Русија.