Специјалниот претставник на САД за Иран, Брајан Хук, изјави дека претстојните парламентарни избори во Иран се „претстава“, а реалните избори веќе се спроведени и тоа „тајно“, пренесуваат руските медиуми.
-Утре иранскиот режим ќе организира настан што вообичаено се нарекува избори. За жал, на иранскиот народ вистинските избори му се спроведоа тајно многу пред да бидат пополнети гласачките ливчиња, изјави Хук на брифинг.
Американскиот дипломат за ова обвини петмина високо позиционирани членови на Советот за заштита на Уставот, кои американското Министерство за финансии ги стави на списокот за санкции. Според него, тие „на иранскиот народ му го одбиле пристапот до слободни и чесни парламентарни избори“.
-Советот за заштита на Уставот се раководи од дванаесет неизбрани чиновници и таканаречени правни експерти. Тие одлучуваат кој да учествува на изборите. На овие избори Советот го одби учеството на повеќе од 7.000 кандидати. Тие, исто така, дисквалификуваа 90 актуелни членови на иранскиот Парламент, кои сакаа да бидат реизбрани, рече Хук.
Изборите за новите членови на иранскиот Парламент ќе се одржат утре, на 21 февруари. Над 7.000 кандидати ќе се борат за 290 места, чии кандидатури се одобрени од Советот за заштита на Уставот. Првично имаше над 15.000 кандидати за учество на изборите, но на повеќе од половината од нив не им беше дозволено да учествуваат.