Холанѓаните со пресврт се пласираа во полуфиналето

Холандските фудбалери со пресврт со 2:1 (0:1) ја совладаа Турција во четвртфиналето на Европското првенство во саботата во Берлин и се пласираа во полуфиналето каде ги чекаат Англичаните.

Турците водеа со голот на Самет Акајдин од 35. минута, а Стефан де Вриј во 70. израмни за Холандија. Во 76. минута автоголот на Мерт Мулдер ѝ ја донесе побдата на Холандија.

Пресметката меѓу Холандија и Турција во Берлин го понуди најдобриот натпревар во четвртфиналето на ЕУРО, а Холанѓаните одат натаму благодарение на нивната напаѓачка моќ. Цели 40 минути Турција носена од своите фанатични навивачи водеше и им правеше огромни проблеми на Холанѓаните во дуелот одбележан со многу трчање и борбеност. Сепак, Халанѓаните во својот тим има богат напаѓачки арсенал, а Холандија за шест минути постигна два гола и се пласираше во полуфиналето.

По 60 секунди игра, Холандија можеше да поведе. Мемфис Депај се избори за позиција и во пад упати удар од десет метри, но за среќа на Турција, топката помина над голот. Таа шанса ветуваше спектакуларен фудбал, но сепак, следните повеќе од половина час игра поминаа во претпазлива игра на двете страни, како и во преостанатите три меча од четвртфиналето на ова ЕУРО. Сепак, Турците покажаа повеќе упорност, трчање, енергија, набој и желба за гол, поддржани од френатичната поддршка на нивните навивачи од трибините.

Нивната храброст даде резултат во 35. минута кога еден од стоперите повторно погоди за Турција, по четврти пат на ова ЕУРО. Арда Ѓулер упати прецизен центаршут, а на втората статива од холандскиот гол непречено се поклони Самет Акајдин и од половина метар ја погоди небранетата мрежа.

Тој гол беше шокантен за Холанѓаните, кои во првото полувреме не најдоа начин да ја пробијат турската одбрана, па веднаш во 46. минута тренерот Куман го внесе високиот Воут Вегхорст. Холандија многу подобро го започна вториот дел, но Турците повторно беа поопасни. Ѓулер од слободен удар ја погоди десната статива во 56. минута, а во 65. минута Барт Вербруген одвај го одбрани силниот удар на Кенан Јилдиз од 16. метри.

Во 69. минута турскиот голман Мерт Ѓунок го сврти во корнер ударот наа Вегерст. Нафрлувањето од корнер го изведе Депај, кој го пронајде осамениот стопер Де Вриј, кој со глава од десетина метри погоди за 1:1. Во 76. минута следеше целосен пресврт. Дензел Дамфрис упати приземна топка во шеснаесетникот, а на неа налетаа Коди Гакпо и Мерт Мулдер, а топката влезе во мрежата од турскиот дефанзивец.

Во 85. минута Ван дер Вен го одби ударот на Зеки Челик кон празниот холандски гол, а во контрата голманот Ѓунок ги одбрани обидот на Гакпо. Вербриген во 91. минута на чудесен начин го одбрани ударот на Семих Киличој од три метра во последната шанса за Турците.