Холанѓанката Фемке Бол го собори светскиот рекорд стар 41 година

Холандската атлетичарка Фемке Бол го собори речиси 41-годишниот светски рекорд во сала на 400 метри на холандското национално првенство.

Имено, до оваа недела актуелниот светски рекорд изнесуваше 49,59 поставен од легендарната Чехиња Јармила Кратохвилова, која тој резултат го постигна на 7-ми март 1982 година. Но, тоа веќе не е најдоброто време на сите времиња. Младата 22-годишна Холанѓанка го спушти времето на 49,26.

„Може ли да биде подобро од ова? Не знам, но знам дека ја одработив мојата речиси совршена трка. Да, верував и се надевав дека можам да одам околу 49,5. Но и за мене овој резултат е големо изненадување“, изјави Бол.

Таа на последните Олимписки игри во Токио го освои бронзениот медал на 400 метри со пречки. Бол има и светско сребро во истата дисциплина и три европски златни медали освоени на шампионатот во Минхен во 2022 година, каде беше најдобра на 400 и во трката на 400 метри со пречки и беше дел од холандската штафета на 4х400 метри.