Холандските власти во средата го казниле Netflix со 4,75 милиони евра поради начинот на кој стриминг платформата управувала со личните податоци на своите претплатници, за што властите рекоа дека се нејасни во некои области.
Од Netflix соопштија дека поднеле жалба на одлуката, истакнувајќи дека соработувале со органите за заштита на податоците и дека веќе ги промениле своите политики.
„Во периодот меѓу 2018 и 2020 година, Netflix не им даваше на своите корисници доволно информации за тоа што прави компанијата со нивните лични податоци“, се вели во соопштението на холандската агенција за заштита на податоци (АР).
„Информациите дадени од Netflix беа нејасни во некои области“, се додава во одговорот на агенцијата.
Властите, исто така, забележале дека Netflix оттогаш ја ажурирал својата политика за приватност и ги подобрил информациите што им ги дава на корисниците за користењето податоци.
„Таква компанија, со обрт од (повеќе) милијарди и милиони корисници ширум светот, мора соодветно да им објасни на своите претплатници како управува со нивните лични податоци. Тоа мора да биде кристално јасно. Особено ако корисникот побара информации за тоа. А тоа не беше случај“, рече шефот на АР, Алеид Волфсен.
Агенцијата за заштита на податоци соопшти дека Netflix не објаснил доволно јасно зошто собира лични податоци, ги споделува со трети страни, колку долго ги чува или како се гарантира нивната безбедност кога се испраќаат надвор од Европа.
„Откако истрагата беше отворена пред повеќе од пет години, соработувавме со холандската агенција за заштита на податоци и проактивно ги развивме нашите информации за приватност за да им обезбедиме поголема јасност на нашите членови. Поднесовме жалба на оваа одлука.“, рече портпаролот на компанијата во соопштение испратено до AFP.