Обидите да се ограничи цената на гасот во терминските договори би можело да има негативни последици, вклучително и физички недостиг од гас, предупреди во четвртокот холандскиот регулатор надлежен за главниот европски пазар TTF.
И по инвазијата на Русија во Украина цените на гасот во Европа ги одредува понудата и побарувачката и немало знаци на манипулации, ниту претерани шпекулации, и покрај нивниот остар раст започнат минатата есен, заклучува во годишниот извештај Управата за финансиски пазари (AFM).
„Холандскиот регулатор ја критикува европската тенденција кон ограничување на цените или многу строгите прописи со осцилации. Пазарот функционира соодветно, а со интервенциите никогаш не знаете, последиците може да бидат полоши отколку што очекувате“, изјави членот на управата Ханзо фан Беузеком.
Високите цени на гасот претставуваат оптоварување за компаниите и потрошувачите, но истовремено ги поттикнаа вложувањата во нова европска инфраструктура за течниот гас (LNG) и доведоа до тоа наместо во Азија да пристигнува во Европа, истакнува фан Беузеком.
Европската комисија соопшти во октомври дека ќе разгледува одредување „динамична“ горна граница на цената на гасот во терминските договори на TTF, откако групата од 15 земји членки, меѓу кои Италија, Белгија и Полска, предложија ограничување на цената во Европската унија.
Имајќи предвид дека тие цени се користат како референтна вредност во договорите за купопордажбата на LNG, се надеваат дека ограничувањата на цените на TTF би значело пониски цени на европскиот увоз.
Германија и Холандија, двете богати за европски услови земји чиишто стопанства и индустрии се многу зависни од гасот, се противат на ограничувањето на цената.
Од AFM во споменатиот годишен извештај предупредуваат и дека учесниците на пазарот, судејќи според сѐ, не сака ниту алтернативна европска референтна вредност, што е уште еден предлог на Европската комисија, сметајќи дека тоа „нема значително да ги промени основите на претераните цени на енергијата … во Европската унија“.
Холандскиот регулатор додава и дека условно го поддржува ЕК за „прекинувачите“ кои би требало да ги ограничат големите флуктуации на цените во рамките на еден ден и ќе гарантира нормално тргување. Меѓутоа, тврдат, тоа нема да ги намали цените.