Холандската влада разговара со производителот на опрема за производство на чипови ASML со цел да ја одврати најголемата домашна компанија да се пресели во странство, изјави министерката за економија во заминување Мики Адриаансенс.
Информацијата во средата ја објави холандскиот весник De Telegraaf, повикувајќи се на анонимни извори. Министерствата ги нарекоа разговорите „Операција Бетовен“, објави весникот.
Министерката за економија не сакала да ги коментира сите делови од извештајот, но потврдила дека во средата во Хаг се сретнала со извршниот директор на ASML, Питер Венинк, за да ги продолжи дискусиите.
„Не знам дали ќе ја напуштат“ Холандија, рекла Адриаансенс. „Тие сакаат да растат, до тој степен што нивната желба врши притисок врз нашата инфраструктура“, додала министерката. Владата затоа „интензивно“ разговара со компанијата за евентуално решавање на проблемот, дообјаснила.
Од ASML одбиле да го коментира извештајот на холандскиот весник од средата. Сепак, извршниот директор Питер Венинк на состанокот во Хаг рекол дека е загрижен поради влошувањето на бизнис климата во Холандија.
„Некои од елементите кои нè направија одлична компанија се под притисок денес“, рекол Венинк, посочувајќи на построгите регулативи и планираното укинување на даночните олеснувања за висококвалификуваните имигранти.
Агенцијата за развој „Brainport“ соопшти дека градот Ајндховен, универзитетски град со 800.000 жители, има околу 80.000 работници во секторот софистицирана технологија. Во следните осум години ќе се отворат уште 50.000 работни места, а од нив дури половина ќе бидат странци. ASML моментално вработува 23.000 работници, од кои приближно 40 проценти се странски државјани.
Партиите кои планираат да формираат влада размислуваат за ограничување на бројот на странски студенти на холандските универзитети. Цитирајќи неименуван извор, De Telegraaf наведува дека ASML може да се прошири во Франција.