Холандија воведува корона-пропусници и покрај големиот отпор

Холандија од 25-ти септември ќе бара доказ за вакцинирање против Covid-19 или скорешен коронатест за влегување во кафулињата, рестораните, музеите, театрите и другите културни настани, додека речиси сите мерки за социјална дистанца се укинати.

Тенкото мнозинство во холандскиот парламент донца ноќта во четвртокот го отфрли предлогот кој владата ја повикува да се предомисли за корона-проусниците, додека премиерот Марк Руте изјави дека тие се потребни за да се спречи новиот бран на заразите.

„Сѐ уште сме во опасна ситуација. Доколку ова не го спроведеме, следат големи ризици“, рече премиерот Руте во текот на бурната дискусија во парламентот.

Опонентите од краевите на политичкиот спектар ја доведуваа во прашање неопходноста од корона-пропусниците, за кои многумина пратеници рекоа дека се стапица за потткнување на вакцинирањето, и покрај повторните ветувања од владата дека вакцинирањето никогаш нема да биде задолжително.

„Мерката е неразумна, непотребна и лажна. Ова е вакцинирање насила и предизвикува поделби во општеството“, рече крајнодесниот опозициски челник Геерт Вилдерс.

Околу 72 отсто од вкупно 17,5 милиони Холанѓани се вакцинирани барем со една доза од вакцината против Covid-19, според официјалните податоци.

Иако анкетите покажуваат дека мнозинството Холанѓани ги поддржуваат антиковид мерките, на воведувањето на корона-пропусниците се спротиставуваат оние кои одбиваат да се вакцинираат.

Со гнев реагираше угостителскиот сектор на предлог за корона-пропусниците, додека многу кафулиња и ресторани соопштија дека не сакаат да соработуваат.

Градоначалничката на Амстердам, Фемке Халсема, во средата рече дека полицијата во холандската престолнина нема да има капацитети да ја спроведува новата политика, којашто бара простории во кои ќе се проверуваат клиентите.

Бројот на новите коронаинфекции падна на околу 2.000 на дневно ниво во Холандија, додека околу 600 пациенти се лекуваат болнички.