Холандските разузнавачки служби им ги дале на американските колеги „клучните докaзи“ за наводното руско мешање во американските претседателски избори во 2016 година, пишуваат во петокот холандските медиуми, што официјална Москва веднаш го оцени како ново поттикнување на „антируската хистерија“ на западот.
Откако се уфрлиле во група руски хакери позната наводно под името Cozy Bear, холандските агенти ги известиле американските разузнавачки служби дека следеле како познатите хакери преснимуваат „илјадници“ електронски писма на Демократската партија пред американските избори. Холандските безбедносно-разузнавачки служби (AIVD) наводно тоа го следеле уште од 2014 година, објавија во петокот дневниот весник De Volkskrant и јавната телевизија Nieuwsuur.
Холандските агенти ги дале „клучните докази за руското мешање“ и „техничките“ докази за информатичкиот напад врз американската Демократска партија, неведуваат медиумите, повикувајќи се на непознати американски и холандски извори.
Откако случајно влегле во компјутерската мрежа на групата со којашто било координирано од универзитетска зграда во близина на московскиот Црвен плоштад, холандските агенти имале пристап и до безбедносните камери.
„Не само што разузнавачката служба сега може да види што работат Русите, туку може да види и кој тоа го прави“, пишува De Volkskrant.
Според написот, AIVD уште во 2015 година ја предупредил американската служба „на нападите од руските хакери (…), но минале месеци додека САД не станале свесни дека Русите со тоа влијаат на американските избори. А хакерите на AIVD гледале како тоа се случува пред нивните очи“, пишува уште весникот.
Портпаролката на AIVD не сакала да го коментира пишувањето на холандскиот весник. „Никогаш не ги коментираме операциите“, изјавила за AFP.
Холандските разузнавачи според снимките од безбедносните камери заклучиле дека групата Cozy Bear ја водела руската надворешна разузнавачка служба СВР.
Шпионирањето на Cozy Bear траело меѓу една и две и пол години, пишува натаму холандскиот весник, тврдејќи дека хакерите на AIVD ја напуштиле мрежата на групата.
Во моментов истрагата за наводен договор меѓу кампањата на актуелниот американски републикански претседател Доналд Трамп и Русија ја води специјалниот државен овинител и поранешен директор на Федералното биро за истраги (FBI), Роберт Мјулер.
„Доколку холандските медиуми сакаат да долеваат масло на огнот на антируската хистерија во САД, тоа и не најчесно. А да се повикува на информации од холандските медиуми не е најдобрата работа кошто може да ја сторат“, реагираше на новинарско прашање на прес-конференција во петокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.