
Министерот за надворешни работи на Холандија, Франс Тимерманс, очекува Европската Унија денеска да се согласи за проширување на санкциите против Русија.
„Верувам дека тоа ќе се случи”, рекол шефот на холандската дипломатија, запрашан на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ дали листата на санкции за Русија ќе биде проширена, пренесува Ројтерс.
Дипломаттите за Ројтерс изјавиле дека 14 луѓе и две компании со седиште во Крим можат да бидат погодени од санкциите. САД и ЕУ минатиот месец ги проширија санкциите за Русија поради кризата во Украина.
Американските власти ја проширија листата на санкции за уште седум претставници и 17 компании од Русија, додека пак, Европскиот совет одлучи да ја прошири „црната листа” за уште 15 лица, со што бројот на луѓето кои се наоѓаат на листата на санкции во ЕУ е зголемен на 48.
За разлика од американската листа, меѓу санкционираните лица на европската листа нема директори од големите руски фирми.