Холандската амбасада се уште преговара за кои проекти ќе даде 150.000 евра

Холандската амбасада се уште е во преговори со лицата кои поднеле апликации за добивање финансиска помош за старт на нови медиуми.

Амбасадата кон средината на ноември лани објави повик за аплицирање за добивање финансиски средства за основање на нови медиуми што траеше до први декември. Според првичните најави, проектите кои бидат финансирани од амбасадата требаше да бидат објавени на 30-ти декември, но сепак тоа не се случи.

Од амбасадата за Нетпрес велат дека се’ уште се во тек преговорите со  претставниците на проектите и дека откако ќе бидат договорени детаљите се очекува потпишување на договорите. Овој процес, како што велат од амбасадата, би требало да заврши до крајот на јануари или почетокот на февруари.

Најмногу три проекти ќе добијат пари со цел да се основаат „незвисни и професионални медиуми“.

Повикот на амбасадата привлече големо внимание откако весникот „Вечер“ објави дека амбасадата има сомнителна селекција односно дека ќе се финансира проекти кои се блиски до одредени политички партии.

„Ако не се блиски до опозицијата или до албанските партии во Македонија, холандската амбасада нема да поддржи ниеден проект во рамки на фондовите за развој на невладиниот сектор и независните медиуми’, пишува „Вечер“.

Весникот наведува дека амбасадатa уште пред објавувањето на огласот веќе избрала кому ќе му ги додели парите.

„Информациите говорат дека со 80.000 евра грант од Холандија ќе биде делумно финансирано отворањето на нов дневен весник близок до опозицијата и отворањето на четири нови портали чиишто основачи, исто така, се новинари и луѓе блиски до опозицијата. За намерата на холандската амбасада да работи против актуелната владејачка гарнитура и против Република Македонија говори и фактот дека еден од финансираните проекти е сајт на кој ќе се објавуваат податоците за сите медиуми во Република Македонија: кои се нивните основачи, колку пари вложиле, кои им се уредниците, колку новинари работат за нив, колку приходи и расходи оствариле во текот на годината и по кои основи и слично. На овој веб-проект работат поранешни новинари од кланот Рамковски.Сите овие податоци кои ќе ги објавува новиот портал се веќе достапни преку Централниот регистар и Управата за јавни приходи“, пишува весникот.

Според весникот, тоа значи дека амбсадата ќе финансира создавање паралелен систем во земјава наспроти државните институции “кои потоа би се користеле за намери и цели за потребите на опозицијата и странските амбасада пред центрите на одлучување во Брисел“.