Холандските власти очекуваат нов прилив украински бегалци, сега од семејствата кои ги згрижиле

Локалните власти ширум Холандија се подготвуваат за прилив на украински бегалци во прифатилиштата, бидејќи жителите коишто ги згрижиле не сакаат да ги остават сами во нивните домови во текот на сезоната на летните одмори, пренесува во понеделникот порталот NU.nl.

„Мачката оди во пансион (своевиден хотел за домашни миленичиња), а Украинците во прифатилиште. Да, тоа е суровата реалност“, вели за порталот еден од учесниците на прифаќање на бегалците од Украина.

Според процените на NU.nl., околу 1.200 украински бегалци моментално живеат кај приватни лица во регионите на Централен и Западен Брабант. Истовремено, веќе се јавиле семејства коишто се обраќаат до локалните власти со прашања дали тие можат да ги згрижат бегалците во текот на летото. Засега не е познато за колкава бројка станува збор, но властите очекуваат нивно пристигнување наредните седмици.

„Понекогаш Украинците едноставно се оставаат во прифатилиштата“, изјавиле од одделот за безбедност на регионот Брабант-Зуидост и проценуваат дека има околу 800 Украинци кои престојуваат кај семејства домаќини, кои можеби ќе мора да се вратат во официјалните бегалски прифатилишта следниот период.

 

„Заврши медениот месец“

Како што навеле од локалните власти, Холанѓаните ги „отворија своите срца и своите домови, без да го сфатат какво влијание има тоа“.

„Медениот месец заврши, доволно е. Сега има наплив од луѓе кои велат: Одам на одмор и не сакам Украинците да бидат сами во мојата куќа“, додаваат од локалните власти.

Управата за безбедност на регионот Холандс-Мидден, исто така, известила дека во центрите за прифаќање бегалци и азиланти веќе се јавуваат Украинци кои престојувале кај семејства домаќини.

Причините за приливот во прифатилиштата може да варира од недостиг на слободен простор до „проблеми меѓу семејството домаќин и гостите“, забележува NU.nl и додава дека можно е бегалец да биде ставен на листата на чекање на локалните власти.

Бегалските прифатилишта во регионите Јужен Лимбирг и Утрехт, исто така, пријавиле појава на прилив на бегалци кои биле досега згрижени од холандски семејства

„Бројките сѐ уште се мали“, изјавиле властите на Јужен Лимбург. Во општината Кенемерленд, пак, не воделе евиденција на бројот на бегалците кои се враќаат од семејствата домаќини. Процент од локалните прифатни центри е резервиран за „прелевање“ од приватното згрижување по домови, и бројките се разликуваат од општина до општина.

Повеќе од осум милиони бегалците пристигнале во соседните земји на Украина, по 24-ти февруари и почетокот на руската инвазија, според податоците на Обединетите нации. Од нив повеќе од 4,1 милиони се згрижени во Полска, а Русија пријави повеќе од 1,3 милиони Украинци кои минале на нејзина територија. Следат Романија со повеќе од 690.000 и Словачка со над 525.000 украински бегалци.