Пензиониран холандски државјанин чувствува дека е во одлична психофизичка кондиција и смета дека е дискриминаран според возраста на пазарот на трудот, но и во љубовта, па по судски пат бара да му се отпишат две децении и возраста од 69 да му биде спуштена на 49 години.
Холандското правосудство досега се нема соочено со ваков случај, бизарно но „сериозно барање“ на Емил Рателбланд кој судиите во Арнхем на југоистокот од Холандија ги остави без зборови. Рателбланд, имено, бара во пасошот да му се впише изменет датум на раѓање, така што наместо 11-ти март 1949 година да стои 11-ти март 1969 година.
„Се чувствувам млад, силен и мускулест и сакам тоа и законски да ми биде признаено, бидејќи се сметам понижен, повреден и старосно дискриминиран“, изјавил пред судиите Рателбланд, кој е „личен тренер специјализиран за развој на самосвеста“.
Станува збор за татко на семејство, но неоженет, кој пред судот рекол и дека неговото барање е исто толку легитимно, како и барањата на лицата кои бараат во личните исправи да бидат впишани како „трет пол“.
„Денес можеме да ја избираме работата, полот, политичката и сексуалната ориентација. Дури имаме право и да го промениме презимето. Зошто и поради што тогаш немаме право да ја менуваме возраста“, ги прашал Рателбланд судиите.
Тврдел дека и неговиот лекар му констатирал биолошка возрат меѓу 40 и 45 години.
Иако во почетокот кај судиите предизвикувал потсмев, Рателбланд сега верува во тоа дека неговиот правен застапник, реномираниот адвокат Јан-Хејн Кујперс успеал да ги „растресе“ судиите.
„Ова прашање нема преседан и изгледите за успех се минимални, но сметаме дека правосудството со времето мора да еволуира“, рекол адвокатот Кујперс.
Судот во Арнхем пресудата треба да ја изрече за четири седмици.