Холивудските ѕвезди поактивно се вклучија во кампањата на Камала Харис – дали тоа помага или штети?

Многу познати личности, меѓу кои и актерките Џенифер Гарнер, Џулија Робертс и Џејн Фонда, се приклучија на кампањата пред американските избори, кои ќе одлучат дали демократката Камала Харис или републиканецот Доналд Трамп ќе стане следниот претседател на САД.

Така, ѕвездата на „Alias“ како дел од кампањата ги насочува текстуалните пораки, телевизиските реклами, истражувањата и другите напори во една од седумте клучни држави што ќе го одредат исходот од изборите како дел од кампањата.

Кога ѕвездите сакаат да водат кампања, политичките стратези ги повикуваат да посетат места со кои имаат лични врски и да разговараат за прашања на кои работеле. Исто така, го спојуваат со политичките „тешкаши“.

Така Гарнер ѝ се придружи на поранешната советничка за политика и амбасадорка Сузан Рајс, а актерката зборуваше за тоа како нејзините родители се запознале во Аризона. Членката на одборот на организацијата Save the Children, Гарнер ја пофали поддршката на Харис за даночните олеснувањ за деца и повисоки плати за работниците кои се грижат за децата.

Во меѓувреме, Џулија Робертс ја посети нејзината родна држава Џорџија и беше претставена од поранешната конгресменка Стејси Абрамс.

Актерката Џејн Фонда, поборник за акција против климатските промени, тропаше на вратите во сојузната држава Мичиген за да ја пофали Харис и другите „климатски шампиони“. Оскаровката и долгогодишна политичка активистка на демократите рече дека никогаш претходно не водела кампања од-врата-до-врата за некој кандидат за претседател.

Иако Холивуд има репутација на басион на либералите наклонети на демократите, некои ѕвезди работат на тоа луѓето да гласаат за поранешниот претседател републиканецот Трамп. Денис Квејд, кој ја играше републиканската икона Роналд Реган во неодамнешниот филм, зборуваше на митингот на Трамп во Калифорнија. „Тука сум да ви кажам дека е време да изберете страна“, рече Квејд проследен со силен аплауз.

Меѓу другите поддржувачи на Трамп од светот на забавата се музичарите Тед Нуџент и Кид Рок и борачот Хулк Хоган, кој говореше на републиканската национална конвенција летово.

Но, дали Гарнер, Квејд или која и да е друга филмска ѕвезда, ќе направи разлика?

Појавувањето на славните личности ги засилува пораките за гласање, вели Кристијан Гроуз, професор по политички науки и академски директор на Институтот Шварценегер при Универзитетот во Јужна Калифорнија.

„Ако непознато лице тропне на вратата, тоа само остава впечаток на тој гласач. Кога славна личност го прави тоа, создава медиумско покривање и објави на социјалните мрежи кои допираат подалеку од тој дом“, вели Гроуз.

Дали тоа ќе се претвори во поголем одговор зависи од славната личност и околностите.

Мегаѕвездите како Опра Винфри можат да имаат значително влијание. Нејзината поддршка за Барак Обама во 2007 година е заслужна за милион гласови за време на прелиминарните избори на Демократската партија.

И поп-мегаѕвездата Тејлор Свифт поттикна илјадници нови регистрации на гласачи со наводно непартиски повик до луѓето да се регистрираат во 2023 година, според непрофитната група Vote.org. Овој септември Свифт „ги отвори картите“ и отиде чекор натаму и јавно ja поддржа Харис преку објава на Instagram, која досега доби повеќе од 11 милиони лајкови.

Иако кампањата на Камала Харис ја поздрави поддршката од пејачката, тоа можеби нема да се покаже како благослов, според Марк Харви, автор на книгата „Влијание на славните: Политика, убедување и заговарање засновано на проблемот“, објавена во 2018 година.

Харви и другите истражувачи анкетирале 1.000 луѓе во август, пред поддршката од Свифт. На половина им била прикажана фотографија од Свифт со генеричка порака која ги повикува луѓето да гласаат, а на другата половина им била прикажана истата фотографија со која ги повикува да гласаат за демократите.

Во истражувањето пејачката имала најголемо влијание кај неопределените гласачи кои се обожаватели на Свифт. Фановите кои ја виделе општата порака пријавиле поголема веројатност да излезат на гласањето. Меѓутоа, кај фановите намерата за гласање паднала кога виделе дека пејачката повикува да се гласа за демократите.

„Мислам дека има многу луѓе кои не сакаат да ја мешаат забавата со нивната политика“, вели Харви, вонреден професор на Универзитетот Сент Мери во Канзас.

Сепак, можно е претседателската трка, како и некои конгресни трка во САД, да биде решена со стотици или илјадници гласови.

„Не би го ставил тоа како клучен дел од кампањата“, рече професорот Кристијан Гроуз, „но секако можете да ги мобилизирате луѓето со ентузијазам и возбуда со малку холивудски гламур со појавување на места што не би ги очекувале“, додава тој.