Холштајн: Амбасадорите исплашени Софија да не ги повика на разговор ако јавно ја критикуваат

Германската амбасадорка во Скопје Анке Холштајн денеска изјави дека не очекува да им предизвика проблеми на колегите во Софија откако вчера рече дека 26 земји членки се држат како заложници од некои ситни национални интереси на една земја која прави штета на целата Европска Унија и го уништува нејзиниот кредибилитет на Западен Балкан, притоа мислејќи на Бугарија.

– Тоа што хрватската амбасадорка била повикана на разговор во Софија сигурно се однесува на изјавата на хрватскиот претседател во Брдо. Се надевам дека јас нема да им направам проблеми на моите колеги во Софија, бидејќи никогаш не го употребив зборот Бугарија – рече Холштајн.

Според неа, португалското претседателство во моментов работи на конкретен предлог, односно на една рамка со која би требало да дојде до согласност и нивната цел е до јуни да се дојде до усогласување.

– Не знаеме како конкретно изгледа овој предлог. Тој се ориентира на преговорите кои минатата година се одржуваа во Берлин, но од друга страна за Бугарија целото тоа прашање особено сега со техничка влада е многу тешко – изјави Холштајн по примопредавање на германската донација на тестови за ковид-19 за Министерството за здравство.