„Homo yugoslovenicus“: Како тоталитаризмот си ја врати Македонија

И после триесет години сеуште се прашувам: колку македонското општество вистински беше трауматизирано од четириесет и пет годишниот социјализам со титоистички лик? Вообичаено, сите пост – комунистички држави, барем во почетните години на транзицијата, сериозно трауматизирани од комунистичкото минато, се најдоа во состојба на хаос и конфузија. Од која, како што гледаме, успешно излегоа, се трансформираа и повеќето станаа членки на Европската Унија.

Луѓето кои беа изнедрени од многугодишниот комунизам, одредени автори во земјите од источна Европа, ги етикетираа како „homo sovieticus“  и сериозно се занимаваа со студирањето на нивното однесување при адаптирањето на новите услови на пазарната економија и западноевропската демократија.

Што стана со нашиот „homo yugoslovenicus“? Тој едноставно не мораше да се адаптира на новите услови. Зошто? Затоа што во транзицијата тргнавме со фингирана демократија и фингиран политички плурализам. „Homo yugoslovenicus“ никогаш искрено не веруваше во сопствена држава. Си ја имаше Југославија. Едноставно беше присилен да го следи проектот на национална држава во деведесетите. По нејзиниот распад. Затоа толку лесно се откажа од македонската држава со оваа власт. Национално хермафродитен, овој тип на транзиционен човек, успеа да ги забави и перветира реформите во сите сфери на општественото живеење. Како поинаку ќе го објасните деформираниот демократски процес. Кражбата на општествениот капитал. Контролираното судство, разјеба…то обвинителство. Со години одложувани и задоцнети реформи.

„Homo yugoslovenicus“ беше вирусот што не дозволи да се проветри македоснкото општеството. Кој го зароби и дегенерира. И кој се активира секогаш кога се загрозени интересите на старата комунистичка номенклатура и нивната рожба. Вирус кој одржува континуиран хаос и конфузија во македонското општество. Како денес со оваа власт.

Она што ме бендисува кај „homo yugoslovenicus“ е неговата целосна посветеност на одбрана на минатото. Дури и по триесет години. Со каква посветеност си ги штитат своите придобивки и привилегии, кои никогаш немаше да ги уживаат доколку системот беше демократски. Го бранат системот кој ги инсталира над обичниот граѓанин. Ја бранат повоената кражба на македонскиот народ. Материјална и духовна. Од која тие најмногу се офајдија. Нивните споменици никогаш нема дa бидат оние од проектот 2014. Нивните споменици се материјални. Оние во „Лагадин“, „Елешец“, националниот парк Маврово. Уништените фабрики и стечајците. Продаденото име на државата и нејзината историја. Никој не спомена француски клучеви за нив.

„Homo yugoslovenicus“ никогаш не посакал да има избор. Свесно ја прифатил улогата на слуга и поданик до коска. Само ги промени господарите. Погледајте што креатури изродија како нивни клонирани наследници. Погледајте со кого се’ се здружија да го соочуваат „својот идеал“ на држава. Тие се последната линија на одбрана на неодбранливото. Нивното минато. Европа веќе го жигоса таквиот систем и неговите архитекти. Ама тие не. Која перверзија. Европа не ја вадат од устите, ама ќе ги обештетат кодошите. Се крстат во демократијата и човековите права, ама не го осудија комунизмот. Оштетени се, затоа не сакаат, а и не можат да се помират со сопственото минато. Преваранти par excellence.

Затоа ми се лоши кога ќе ги видам како паразитираат низ годините на транзицијата. Луѓе со изгубено политичко его. Транзициони зомби во потрага по својот изгубен идентитет. Некаде во процепот на двата света. Оној контролираниот и оној демократскиот. Конечно можат да здивнат. Најдоа лидер кој ја обезличи државата за да се претопат во неа. Кој го уби националното да ја покрие нивната анационална голотија. Ја продаде државата и историјата, за тие да преживеат.

Со ликови кои сеуште го честитаат 29 ноември, денот на ЈНА, роденденот на другарот Тито. Кои се палат на „од Вардара, па до Триглава“ (видете ја прославата на СДСМ во Велес), дома сеуште си ги чуваат сликите на Тито, тајно си ја љубат Русија, а јавно се колнат во Европа, ќе сме се реформирале во современа европска држава. Како не. Патетични и жално. А, тие само сакаат да останат единствен консумент од колачот на власта и привилегиите што одат со неа. Не е до Европа, до привилегиите е.

Кога гледам како ми изсчезнува државата на „правиот пат“, знам дека „Homo yugoslovenicus“ е жив и здрав. И витален како никогаш досега. Затоа не сум изненаден од некои констатации дека сме биле дикататорска држава и хибриден режим. Само за „homo yugoslovenicus“  иднината е историја. Или приказна за тоа како тоталитаризмот си ја врати Македонија.

Затоа другари и другарки. „Homo yugoslovenicus“. Боите во рака. Револуцијата не мирува. Како што велеаа комунистите: нивната револуција не престанува, таа тече. Затоа: Non passeran. Сатанизирајте, вандализирајте и обојте се’ што одбива да се откаже од сонот за Македонија и Преспанскиот договор. Само внимавајте да не ја погодите статуата на вашиот идол, другарот Тито. Се’ друго е легитимна цел.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес