Хонда повлекува 750.000 возила во САД поради дефект на воздушните перничиња

Јапонскиот производите на возила „Honda Motor Co“ соопшти во вторникот дека повлекува 750.000 возила во Соединетите држави поради дефект во врска со воздушните перничиња кои би можеле ненамерно да се активираат за време на помал инцидент.

Сензорот за тежина на совозачкото седиште може да пукне и да има краток спој, неуспевајќи да го потисне воздушното перниче како што е предвидено, соопшти во вторникот Националната управа за безбедност на сообраќајот на патиштата (NHTSA). Дилерите ќе мора да ги заменат сензорите за тежина на седиштата.

Повлекувањето вклучува одредени возила од моделите „Honda Pilot“, „Accord“ и „Civic“ произведени во периодот меѓу 2020 и 2022 година, како и некои возила од моделите „Honda CR-V“ и „Passport“ од моделите произведени во 2020 и 2021 година.

Од „Honda Motor Co“, во изјавата поднесена до безбедносниот регулатор, наведуваат дека има 3.834 барања за гаранција и дека нема извештаи за повреди или смртни случаи поврзани со проблемот со повлекувањето од јуни 2020 година.

Во обид да објасни како настанал дефектот, „Honda Motor Co“ ја информирала NHTSA дека откако природна катастрофа ја зафатила фабриката за производство на подизведувач, добавувачот привремено го сменил основниот материјал во производствениот синџир на сензорот за тежина на седиштето. Алтернативниот материјал што се користи „може да дозволи дополнително оптоварување на струјното коло“, се вели во извештајот.

Другиот голем јапонски произведувач на возила „Toyota Motor“ во декември повлече 1,12 милиони возила ширум светот, бидејќи краток спој во сензорот може да предизвика воздушните перничиња да не се активираат како што е дизајнирано.

Во декември, исто такам „Honda“ повлече 4,5 милиони возила ширум светот поради ризици од дефект на пумпата за гориво, што вклучува 2,54 милиони возила во Соединетите држави.