![honda rakasiro hicigo](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/02/honda-rakasiro-hicigo.jpg?resize=540%2C364&ssl=1)
Јапонскиот производител на автомобили „Honda“ планира до 2022 година да затвори една од своите фабрики во Велика Британија со што ќе укине 3.500 работни места, и што со приближувањето на датумот за британското истапување од Европската унија претставува уште еден удар за автомобилската индустрија во Обединетото Кралство.
Јапонската корпорација минатата година во фабриката за автомобили во Свиндон произвела 160.000 возила од моделот „хонда сивик“, од што околу 90 отсто се извезени во земјите на Европската унија.
Во вторникот утрото од „Honda“ ги потврдија плановите за коишто британските медиуми пишуваа во понеделникот вечерта, откако членот на парламентот Џастин Томилсон изјави дека разговарал со претставниците на јапонскиот производител, кои рекле дека за тоа се консултираат со „персоналот“. „Не се очекува губење на работните места, ниту промени во производството до 2021 година“, рече Томилсон.
Катсуши Инуе, претседател на „Honda“ во Европа порача во вторникот утрото „Во светлото на промените без преседан кои влијаат врз нашата индустрија, од витална важност е да ја забрзаме нашата стратегија за елетрификација и во согласност со ова ги реструкуираме глобалните операции“. „Како резултат на тоа, моравме да ја донесеме оваа тешка одлука, да се консултираме со нашата работна сила за тоа за да можеме да ја подготвиме нашата производна мрежа за иднината“, порача Инуе во писмена изјава.
Британскиот синдикат The Unite соопшти дека ваквиот потег на „Honda“ претставува „разорен удар“.
„Автомобилската индустрија во Обединетото Кралство последните две децении беше дијамантот во круната на секторот производство и сега е доведена на толку ниско ниво поради хаотичната несигурноста од брегзитот, креирана од ригидниот пристап кој го усвои премиерката Тереза Меј“, изјави Дес Квин од споменатиот синдикат. Освен што ќе предизвика сериозни последици за работниците и нивните семејства, „исто така, ќе влијаа на илјадници работни места во продолжениот синџир за снабдување во целата земја“, додава.
Портпаролот на британската премиерка Тереза Меј порача дека единствено исправно е пред сите коментари да се сочека додека компанијата не поразговара со своите работници.
Во својот твит Томилсон наведе дека „Honda“ ја заснова ваквата одлука на глобалните трендови, а не на брегзитот, како и дека целото производство а европскиот пазар ќе се консолидира во Јапонија во 2021 година.
Автомобилската индустрија, воопштено, се соочува со падот на побарувачката во Кина и со сѐ послабата продажба на дизелските возила, а фабриката на „Honda“ во Свиндон произведува VTEC турбо бензиски, но и дизелски i-DTEC мотори. Некои медиуми, меѓутоа, наведуваат дека еден од факторите кој придонел за одлуката на „Honda“ да се повлече од Британија е и брегзитот, бидејќи овој производител на автомобили е загрижен поради можното воведување на царините откако Британија ќе ја напушти ЕУ.
Конкуренскиот јапонски производител на автомобили „Nissan“ на почетокот од февруари наведе дека брегзитот е една од причината за откажување на планираното производство на нивното теренско возило „Х-Trail“ во Сандерлен. Исто така, загриженост околу ризикотод брегзитот без договор со ЕУ во следните месеци изразија и „Тoyota“ и „Jaguar Land Rover“. Минатата седмица „Ford“ предупреди дека излегувањето од ЕУ без договро би било „катастрофално“.
.