Хотелските капацитети на охридско-струшката ривиера се со минимална исполнетост. Хотелиерите чекаат одговори од релевантните институции околу правилата за дочек на Нова година за да знаат што да понудат, но и дали ќе добијат субвенции од државата, за плати на вработените.
Претседателот на Асоцијацијата на хотелиери – ХОТАМ, Крсте Блажески, вели дека работат со загуби и оти дел од хотелите затвориле, но и тие што работат со минимален капацитет едвај се снаоѓаат како да ги покријат месечните трошоци.
„Исполнетоста на хотелите е минимална, помалку и од пет отсто во просек. Тоа, добро знаеме се должи на пандемијата со Covid–19 и зголемениот број позитивни случаи низ цела Европа. По дво месечната туристичка сезона сега имаме по некое семинарче, но не на ниво како порано“, истакнува Блажески.
Дел од хотелиерите, додаде, ги отпуштиле вработените на 70 отсто, но и тие 70 проценти неможат уште долго да ги исплаќаат без приходи.
„Состојбата е прилично лоша. Не можеме да се пофалиме во никој поглед. Не знаеме уште какви ќе бидат правилата за Нова година, што да нудиме и што да очекуваме. Многу отворени прашања, кои може не се приоритет за Владата, но без нив неможеме да функционираме. Потребни се заклучоци“, нагласи Блажески, додавајќи дека и 70 осто плата ако немаш приходи се многу.
Секторот, посочува, е во криза и потребно е повторување на мерките за помош од минатата година.
„Штом нема исполнетост од 30 проценти од капацитетот, тогаш објектот трпи загуби. Бараме повторување на минатогодишните мерки и помош барем во плати, бидејќи без таа помош ќе мораме да ги отпуштиме вработените. И сега има мали отпуштања. Тешко е да се дојде до вработен за секторот, па се чуваат да се задржат за идната сезона“, истакна Блажески.