Хотелиерите од Халкидики подготвени да покријат поливина од трошокот за ПЦР тестовите на туристите

Намерата 50 отсто од трошоците за ПЦР тестовите за туристите чија дестинација е Халкидики да бидат покриени од членовите на Сојузот на хотелиери на Халкидики и на туристичката организација на полуостровот, ја изразува претседателот на двете организации, Григорис Тасиос, говорејќи за грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Тасиос, кој воедно е и претседател на Грчката федерација на хотелиери, вели дека тоа е иницијатива која била спроведена и лани во август.

– Туристот со дестинација Халкидики, тестот заедно со сметката ќе ги покаже при пријавувањето во хотелот и ќе му биде вратен половина од износот што го платил – објаснува Тасиос, посочувајќи дека со конкретниот предлог, го зајакнуваат размислувањето на Владата за отворање на копнените граници.

За АНА-МПА додава дека отворањето на туризмот се базира на три точки: сертификат за вакцинација или рапид тест или ПЦР тест.

Во однос на сертификатот за вакцинација, во интервјуто за солунското радио „Тесалоники 94.5“, Тасиос изразува задоволство од постигнатиот договор меѓу Грција и Израел и вели дека може дури од почетокот на мај да пристигнат првите израелски туристи, а не ја исклучува можноста билатерални договори да се склучат и со балканските земји.

– Полека, полека се одмотува клопчето. Постои расположение да се отворат нашите копнени граници и постои раздвиженост за договори со земји од Балканот, иако загрижени сме во однос на инфраструктурата на царините на граничните премини – објаснува претседателот на Грчката федерација на хотелиери и истакнува дека ако не постои договор за сертификатот за вакцинација на европско ниво, тогаш Грција ќе треба да склучи меѓудржавни договори за да има предност во конкуренцијата со Шпанија и со Турција.