Известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, Ричард Ховит, во изјава за МИА потврди дека се наоѓа под голем притисок за отстранување на придавката „македонски” од Резолуцијата за земјата, но потврди дека ќе се избори таа, сепак, да се најде во документот.
Британскиот европратеник поднесе најмногу амандмани (дури 25) на сопствената предлог-Резолуција, при што во амандманот 89 на параграф 14, самиот бара бришење на единствената придавка „македонски” што се однесува на “загриженоста што се помалку албанските деца го учат македонскиот јазик” и сега “изразува загриженост што младите во нашата земја помалку го изучуваат јазикот на другите”.
„Оригиналната предлог-резолуција имаше многу строго ограничување на зборовите и сосема е нормално за известувач од Европскиот парламент да додаде повеќе детали во амандманската фаза“, вели Ховит, јавува дописникот на МИА од Брисел.
За невообичаеноста еден известувач за конкретна земја до Европарламентот да поднесе рекорден број амандмани на сопствена предлог-Резиолуција, Британецот од парламентарните редови на “социјалистите и демократите” посочува дека еден пример е додавање пофалби за некои од напорите на општините во борбата против корупцијата, но дека за него е важно да ги слушне реакции во самата земја на предлог-текстот.
„На пример, имам додадени амандмани за напредокот во учеството на групите на граѓанското општество во земјата, а по мојот дијалог со нив. Како и да е, поголемиот дел од најчувствителните прашања беа опфатени во оригиналната предлог-Реолуција, па клучните елементи на мојот извештај остануваат исти“, додава известувачот за Македонија од ЕП.
На прашањето за неговата интервенција во параграф 14 и бришење на “македонски јазик”, што е единствената придавка “македонски” во предлог-Резолуцијата, а самиот постојано потенцира дека по негова интервенција оваа придавка се врати во извештаите на Европската комисија и во Резолуцијата на Европарламентот, Ховит со одговор кој имплицира дека интервенцијата за бришење на “македонскит јазик” била од Македонија, а не од Грција.
„Мојот предлог, како и минатата година, е дека зборот “македонски” ќе се најде во мојот конечен текст на Резолуцијата. Сетете се дека мојата препорака доведе до тоа Европската комисија, исто така, да ја користи придавката во нивните прогрес-извештаи. Се разбира, точното место каде во Резолуцијата ќе се најде придавката ќе зависи од конечното гласање на ЕП, а промената сега што ја барам ја одразува само мојата желба да ги почитувам предлозите до мене од сите етнички групи во земјата. Мојата посветеност на ова прашање останува непроменета“, вели Ховит.
На прашањето дали има притисок врз него да не употребува “македонски јазик”, иако станува збор за официјален јазик на Република Македонија што официјално е регистриран и во Обединетите нации како македонски во превод на англиски и француски јазик, но и во Европската унија како “македонски” во кирилична форма, британскиот европратеник потврдува дека не му е лесно кога ги подготвува Резолуциите за нашата земја.
„Се разбира, секогаш постои притисок врз мене како известувач за сите чувствителни прашања кои влијаат на земја. Но, јас ја прифаќам одговорноста за моето мислење и на крајот ќе дадам сопствен независен суд“, дециден е Ховит.
На крајот од разговорот со него, Британецот потврдува дека придавката “македонски”, сепак, ќе се најде и во последната Резолуција што Европскиот парламент ќе ја изгласа во сегашнито состав (во мај се избори за ЕП).
„Да, јас се обврзав дека придавката ќе ја има, како што и споменав во разговоров“, гласи ветувањето на Ричард Ховит.
Инаку, Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, во понеделник (20 јануари) по последен пат ќе расправа за предлог-Резолуцијата за Македонија, а по поднесените амадмани, додека ден потоа за истата ќе гласа. Сите пратеници во Европарламентот, пак, својот глас за последната Резолуција за нашата земја во сегашниот состав ќе го дадат на почетокот на идниот месец, на пленарна седница во Стразбур, Франција.