Храбар прилепчанец спаси мајка и дете

Храбар прилепчанец спасил мајка и едногодишно дете од сигурен удар од тркало на камион тешко 200 килограми, кое со сета брзина се движело кон нив.

Четириесет и петгодишниот Борис Солевски се фрлил врз тркалото и бил полесно повреден.

Настанот се случил во саботата вечерта на улицата 11 Октомври, во прилепската населба Табана. На камион товарен со огревно дрво во возење му се откачило предното лево тркало и со полна брзина продолжило да се тркала по коловозот и се качило на тротоарот.
Солевски, кој во тој момент излегувал од продавница за играчки, го видел тркалото како оди кон него, брзо го избегнал, но кога видел дека тоа се движи кон бебешка количка, скокнал врз него. Но тркалото, кое било тешко и поскокнувало, го удрило силно во брадата и во градите, го отфрлило високо, по што тој паднал на асфалтот.
Сепак, тркалото го сменило правецот и жената и детето не биле повредени.

Полицијата извршила увид и најверојатно ќе покрене постапка против превозникот, за управување со неисправно возило.