Храната во германските маркети е поевтина отколку во домашните, анализа на Нова.рс

Сите оние кои имале можност деновиве да ја посетат Германија макар и на кратко, уште првиот ден ќе сфатат дека написите во српските медиуми за наводна криза, скапотија и недостиг на основни продукти во земјата немаат никаква врска со вистината и имаат за цел само да ги убедат граѓаните дека на една од најбогатите земји во светот не им оди најдобро, а не на Србија, пишува Нова.рс во анализа на цените во германските маркети.

Написи за голема криза, галопирачка инфлација и празни рафтови во маркетите изминативе недели можеа да се прочитаат и во македонските медиуми. Споредбата на колегите од Нова.рс е направена со цените во Србија и во динари, но лесно може да се направи слична споредба и со цените во нашите маркети.

Според официјалната статистика, инфлацијата во Германија изнесува десет отсто, а во Србија е нешто повисока – 12 отсто. На пазарите овие бројки изгледаат приближно вака – млекото кое на германските пазари пред почетокот на кризата чинеше едно евро, сега чини едно евро и 10 центи. Литар млеко на српските пазари, кое пред војната во Украина чинеше 79 динари (42 денари), сега чини најмалку 124 динари (65,5 денари), пишува порталот.

Списокот на производи кои се поевтини во Германија отколку во Србија е долг и вклучува различни прехранбени производи, како и средства за хигиена, облека и обувки, а треба да се има предвид дека вработените во Германија кои работат со полно работно време не добиваат помалку од 2.000 евра, додека во Србија, според официјалната статистика, половина од вработените заработуваат помалку од 56.000 динари (474 ​​евра/29.533 денари).

На долгата листа на прехранбени производи кои на германските пазари се поевтини отколку во српските маркети, меѓу другото е и путерот, кој просечните потрошувачи во Србија одамна го замениле со поевтин и не толку квалитетен производ – маргарин. Пакување од 250 грама путер во мегамаркет во Германија можете да купите за 2,29 центи (270 динари/142 денари), додека во продавниците во Србија, пакување од 125 грама путер чини околу 300 динари (158 денари), покажува споредбата на цените.

Омилениот детски деликатес „Киндер јајце“ во Германија чини 85 центи (100 динари/53 денари), а во Србија 120 динари (63 денари).

Посебно се запрепастувачки разликите во цените на хемиските производи за домаќинство во Германија со оние во Србија, пишува Нова.рс.

Средството за миење садови „Fairy“ од 450 милилитри во Германија чини 1,25 евра (148 динари/78 денари), а од неодамна во Србија чини речиси 200 динари (105,5 денари). Гелот за туширање „Палмолив“ од 650 милилитри на германските пазари се продава за помалку од две евра (236 динари/124,5 денари), додека во Србија не може да се најде за помалку од 360 динари (190 денари).

Влошките „Always“ од неодамна во српските продавници чинат околу 430 динари (227 денари), а во Германија се нешто поевтини: 3,45 евра (407 динари/215 денари).

Купувањето јакни, чевли и патики не предизвикува главоболки за семејство со две деца во Германија бидејќи јакните се купуваат за 40 или 50 евра, кожните чевли за 70 евра, а патиките за 50 евра. Кога и родителите и децата би го купиле секој од овие производи во исто време, работникот со минимална плата во Германија би потрошил нешто повеќе од четвртина од својата плата, додека работникот во Србија со плата од 50.000 динари (26.400 денари) би требало да работи месец и половина за таа набавка.
Слична е состојбата и со компјутерите, белата техника и телефоните, кои чинат помалку или можеби исто како во Србија. Интересно е и тоа што во Србија се поскапи производите во продавниците, кои ги има и во Србија и Германија. На пример, во продавниците на „Jysk“ во Србија, голем душек на надувување чини 3.000 динари (1.583 денари), а малиот 2.000 динари (1.054 денари), додека во продавниците во Германија истите душеци чинат 15 и 9 евра, пишува Нова.рс.

Ако е некаква утеха, цените на овошјето и зеленчукот се генерално повисоки во Германија отколку во Србија Килограм домати чини три евра, килограм зелка едно евро, а особено се скапи малините и боровинките. Пакување од само 250 грама малини чини 2,22 евра, а пакување од 300 грама боровинки чини 4 евра.

„Не е исто да си несреќен во градски автобус и во нов мерцедес“, пишуваше одамна на ѕидот од зграда во Ниш, а сега на тој знак можело да пишува „Не е исто да си несреќен во време на криза во Србија и во Германија“, пишува порталот.