ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудува заканите на Павле Богоевски и неговите пријатели од СДС кон лицето Кирчо Анастасов, поради објавен фејсбук статус во кој се опишува дивеењето и лумпувањето на Павле Богоевски и неговите другари низ делчевските кафани, однесување кое делчевчани не се должни да го трпат, пораче во четвртокот Драган Христов од ВМРО-ДПМНЕ.
„Распашаноста на СДС е одвратна и срамна, додека граѓаните од СДС очекуваат минимална плата од 16.000 денари и просечна плата од 30.000 денари и подобрување на животниот стандард пратениците на СДС со народни пари се пијанчат низ кафеаните и ги малтретираат граѓаните кои излегле на една пијачка, а мора да го трпат нивното безобразие“, обвини Христов.
Оцени дека дното е достигнато кога еден народен пратеник кој има за задача да биде гласот на граѓаните во македонското Собрание во доцните вечерни часови да биде причината поради која се запира работата на еден угостителски објект, а кога некој за тоа јавно ќе искоментира да биде изложен на закани од типот дека „знаат горе за статусот“ и „ќе зажалиш за тој статус”.
Христов посочи дека ова не првпат функцонери на СДСМ да се закануваат и да замолчуваат луѓе со поинакви ставови.
„СДС не знае друг начин на владеење освен со закани и заплашувања, тоа граѓаните го имаат прочитано и не им се плашат“, рече Христов и го повика Министерството за внатрешни работи во најбрз можен рок да го расчисти случајот и да биде гарант за сигурноста на граѓаните.
„Апелираме до сите надлежни органи да постапуваат согласно законот, а поединци да не се дрзнат да го заобиколуваат законот поради партиски или слични наредби. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да продолжи ова насилничко однесување на СДС, граѓаните не смеат да бидат жртва на насилничките тенденции на една партија“, порача претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.