Хронично болните да се ослободат од работа поради алармантната состојба со коронавирусот

Да се преиспита одлуката и хронично болните да се ослободат од работа поради алармантната состојба со коронавирусот во Македонија, бараат од групата за подршка на оваа категорија граѓани. Тие деновиве поради смртни случаи на нивни членови од компликации од Ковид-19, по втор пат покренаа иницијатива на социјалните мрежи и собрале 2500 потписи. Испратиле писма до Владата, Кризниот штаб и Народниот правобранител.

-Последниот месец јас изгубив тројца пријатели кои немаа акутно влошување на нивната хронична болест, но поради контакт со вирусот сите тројца ги изгубивме за три дена, изјави Билјана член на групата за поддршка на хронично болните.

Од групата за поддршка на хронично болните за време на пандемијата со Ковид-19 велат дека во пракса не функционира ветувањето дека сите кои имаат влошување на состојбата ќе можат да останат подолго време на боледување.

-Ниту матичните, ниту специјалистите имаат нови насоки, ниту пак препораките во Фондот за нови боледувања се стигнати, рече Билјана.

Од Фондот за здравство до подготовка на прилогот не добивме конкретен одговор дали има промена во правилникот за подолготрајни боледувања.

Од министерството за здравство пак велат дека специјалистот може да препорача боледување најмногу до 2 месеци, а проценка се правела за секој пациент посебно во рамките на една дијагноза.

-Специјалистот дава лекарски извештај во кој може да препорача боледување најмногу до 2 месеци. Боледувањето го аплицира матичниот лекар до комисијата за боледување. По истекот на двата месеци се издава ново конзилијарно мислење за продолжување на боледувањето, доколку специјалистот смета дека за тоа има основ, одговорија од министертсвото