Хрватска во четвртото тримесечје од 2013-та година забележала пад на бруто домашниот производ од 1,2 отсто, додека за цела година падот е еден отсто.
Од петте компоненти кои го чинат БДП, пораснала само државната потрошувачка, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Увозот е помал, но неговиот пад не бил доволен да го замени падот на извозот. Трговскиот извоз забележал пад од 4,1 отсто, а намалени се и инвестициите.
Поради растот на даноците и падот на платите, граѓаните на Хрватска од 2008-ма година изгубиле околу 15 отсто од стандардот, а понатамошниот пад во тековната година се очекува поради стагнација на економијата, од една страна, и раст на цените и даночните оптоварувања, од друга страна.