Хрватска ја ограничи цената на нафтените деривати

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ кажа во понеделникот дека неговата влада повторно ги замрзнува цените на основните горива, но и на нафтата за домаќинство, поради очекуваниот раст на цените на нафтените деривати.

„Имајќи го предвид очекуваниот раст на цените на нафтените деривати одлучивме повторно да донесеме одлука за лимитирање на цените на евросуперот 95 на постоечките 11,37 куни (1,51 евра), значи тоа е цената која е околу две, три недели и таа ќе остане во следните месец дена, и дизелот на 11,29 куни (1,50 евра)“, рече Пленковиќ.

Истакна дека со тоа владата „покажува дека државата води сметка за своите граѓани и нивниот стандард“. Одлуката, како што наведе, ќе биде објавена уштее денеска и веднаш ќе стапи на сила.

„Според тоа утре ќе биде иста цената на бензинот – обичниот евросупер 95 и обичниот дизел, додека цената за премиум горивата нема да биде лимитирана. Кој има пари и сака да си го дозволи најквалитетното гориво, тоа може да го направи“, заклучи Пленковиќ.

На прашањето зошто горивото во Хрватска е најскапо во опкружувањето, Пленковиќ одговори дека владата во октомври реагирала и го намалила ударот врз граѓаните.

„Цените се формираат на пазарот, не ги одредува владата, тие времиња одамна се зад нас. Сега се одлучивме на чекор кој е добар за граѓаните. Гледаме дека бензинот се троши како и до сега“, кажа хрватскиот премиер додавајќи дека цените и во соседните земји варираат.

„Ако дистрибутерите на гориво имаат простор да ја спуштат цената, нека ја спуштат, јас сум за“, кажа Пленковиќ.