Хрватска го поздрави усвојувањето на резолуцијата за геноцидот во Сребреница во Генералното собрание на ОН, нагласувајќи дека Загреб својата позиција ја заснова на почитување на меѓународното право.
Претходно, Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која потсетува на геноцидот врз Бошњаците од Сребреница во 1995 година, повикувајќи на почитување на жртвите и фактите утврдени со судски пресуди, како и воспоставување на меѓународен ден за сеќавање на тоа злосторство.
За необврзувачката резолуција гласаа 84 од 193 земји-членки на ОН, 19 беа против, а 68 воздржани, главно со образложение дека нема нужен консензус.
Резолуцијата ја предложија Германија и Руанда, а нејзини спонзори се четириесетина земји, меѓу кои и Хрватска, која исто така гласаше „за“.
„Го поздравуваме усвојувањето на резолуцијата, Хрватска го заснова својот став на почитување на меѓународното право. Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата утврди дека е извршен геноцид во заштитената зона на ОН во Сребреница“, се вели во соопштението за печат на МВЕП.
Злосторството во Сребреница беше дефинирано како геноцид од страна на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија, како и од Меѓународниот суд на правдата во Хаг (МСП).
Во 1995 година, војниците на босанските Срби убија најмалку 8.000 Бошњаци во Сребреница, која тогаш беше под заштита на ОН, објави Индекс.