Хрватска ја забележа втората победа на Европското првенство

Репрезентацијата на Хрватска ја забележа втората победа по три кола на Европското првенство во кошарка, со што многу извесно е дека ќе се пласира во осминафиналето.

Без нешто посебно да блескаат, Хрватите славеа над Естонија, со 73-70, треперејќи за бодовите до последната сирена. Ниту еднаш во мечот не поведоа двоцифрено, а проблем им беше шутот од далечина на противникот од Балтикот, особено на Слим-Сандер Вене, кој постигна пет тројки и заврши како најефикасен, со 18 поени. Кај Хрватска, Матковиќ имаше 17, а Шариќ 15 плус 12 скока.

Со овој триумф „коцкестите“ дојдоа до пет бода, привремено на првото место, додека Грција да одигра со Велика Британија, а Италија со Украина. Имајќи предвид дека досега ги совлада Естонија и В. Британија, кои имаат само порази, а уште не играле со Грција, јасно е дека тие две селекции ќе останат зад Хрватите. Првите четири во групата одат во осминафиналето, па овој план е, практично, остварен.

Во првиот денешен термин за натпревари на Евробаскетот се сретнаа и Полска и Израел, а Полјаците славеа со 85-76. Ова беше прв пораз за Израелците, кои сега имаат по пет бода, колку и Полска, во групата Д, во која фаворит е Србија.