Во второто коло од Групата Д на Светското фудбалско првенство, Хрватска со 3:0 (0:0) во четвртокот вечерта во Нижни Новгород ја декласираше Аргентина и со двете победи веќе се квалификуваше за осминафиналето.
Стрелци за Хрватска беа Анте Ребиќ во 53, Лука Модриќ во 80 и Иван Ракитиќ во првата минута од судиското продолжение. „Коцкестите“ сега имаат максимални шест бодови во Групата Д, Исланд и Аргентина имаат по еден, а Нигерија е без бодови. Исланд и Нигерија својот дуел од второто коло го играат во петок во 17 часот и доколку овој дуел заврши без победник, Хрватска ќе го обезбеди првото место во групата и пред третото коло во коешто се среќава со незгодниот Исланд, а ќе ѝ биде потребен бод од овој дуел доколку некоја од овие две селекции победи во меѓусебната пресметка.
Кај Аргентинците очигледен беше големиот товар особено по бледиот настап против Исланд и жестоките критики, па и против Хрватска речиси ниеден од оние кои истрчаа на теренот не одигра на своето вообичаено ниво. И првата шанса на мечот ја имаа Хрватите, иако Аргентина имаше поголем посед на топката, а потоа во само една минута изгради две шанси кои за малку не ги реализираа прво Меси кој во петерецот на ја достигна топката, а потоа беше блокиран опасниот удар на Меза од работ на шеснаесетникот. Најголемата шанса Аргентина ја имаше во 30 минута кога дојде до недоразбирање меѓу хрватските одбранбени играчи, па топката во казнениот простор дојде до Акуњо, но неговиот блокиран удар стаса до Перез кој од десетина метри не го погоди голот. Хрватска веќе во следниот напад можеше да го казни тоа, но Манџукиќ во пад не успеа со глава да дојде до топката нафрлена од Врсаљко на втората статива. Ребиќ во судиското продолжение на првото полувреме упропасти добар напад кој го започна Модриќ, и се реши за лош шут од дваесетина метри иако имаше отворен простор кон противничкиот гол. Статистиката покажува дека Аргентина во првото полувреме имала 56 отсто од поседот на топката, но ниту еден шут во рамките на хрватскиот гол.жж
На почетокот од второто полувреме Аргентина создаде добра прилика, но обидот од десетина метри на Агуеро го скроти голманот Субашиќ. И веднаш во следниот напад Хрватска поведе, по кардиналната грешка на голманот Кабаљеро кој сакаше кусо да додаде но само му нафрли на волеј на Ребиќ кој шутираше без двоумење под пречката. Дури по примениот гол, аргентинскиот селектор во игра ги внесе Игуаин и Павон, па во 64 минута првиот проигра за Меза во петерецот но хрватскиот голман одбрани, а одбиената топка дојде до Меси чиј обид го блокираше Ракитиќ. Нервозата кај Аргентинците продуцираше низа грешки, кои ги искористија Хрватите, па во 80 минута нивниот капитен Лука Модриќ шутираше прецизно од дваесетина метри за 2:0, а Ракитиќ по десетина минути го докрајчи грогираниот противник, откако во 86 минута од слободен удар од 25 метри ја погоди пречката.