Хрватска на пенали подобра од Данска, оди на Русија во четвртфиналето

Хрватската фудбалска репрезентација се пласираше во четвртфиналето од Светското првенство откако во неделата вечерта во осминафиналето во Нижни Новгород со подоброто изведување пенали ја совлада Данска со 4:3 (1:1, 1:1).

Творец на победата, како и во претходниот дуел меѓу Русија и Шпанија кога Игор Акинфеев одбрани два удара од белата точка, беше хрватскиот голман Даниел Субашиќ кој одбрани три пенала, а малку недостигаше ваков подвиг да оствари и неговиот дански колега Каспер Шмајкл кој двапати сопре два удара од единаесет метри во рулет серијата и еден во продолжението, и тоа на хрватскиот капитен.

Данска поведе по само 58 секунди игра преку Матијас Јоргенсен . Кнудсен изведе аут како корнер директно нафрлувајќи ја топката во хрватскиот шеснаесетник, до неа стаса Делејни, но тој беше блокиран од Ребиќ и Врсаљко, а сепак топката стаса до Јоргенсен кој млако шутираше од голема близина но несреќно интервенираше Субашиќ. Но веќе в 4 минута од слична ситуација Хрватска израмни. Ребиќ и Врсаљко комбинираа по десната страна, а нафрлената топка Делејни ја шутна во главата на Кристенсен и таа се одби до Манџукиќ кој силно и неодбранливо шутираше во данскиот гол.

Во продолжението двете селекции очекуваа да искористат грешка на противникот, без да му остават шанса да го загрози нивниот, па се редеа удари од далечина. Така Хрватска упати 22 удари кон данскиот гол, но само 7 во рамките на голот, додека Данците шутираа 15 пати, а само 3 одеа директно во голот. Вториот дел, сепак, не беше толку жесток како првиот, но беа создадени неколку шанси и на двете страни кои измамуваа само воздишки на трибините и на клупите за резервни играчи.

Изгледни ситуации беа создавани и во продолженијата. Сепак, хрватска имаше шанса да го реши мечот во 116 минута, но ударот од 11 метри на капитенот Лука Модриќ го подбрани Шмајкл.

Во првата серија од ударите од белата точка Субашиќ силниот шут на Ерискен со врвовите на прстите го сврти во стативата, но веднаш потоа Шмајкл го одбрани ударот на Бадељ. Откако погодија Кјаер и Крон-Дели за Данците и Крамариќ и Модриќ за Хрватите, во четвртата серија хрватскиот голман го одбрани ударот на Шорен, но потоа данскиот го запре шутот на Пивариќ. Во решавачката серија Субашиќ со нозете го одбрани пеналот на Николај Јоргенсен, а Иван Ракитиќ го измами Шмајкл.

Хрватска во четвртфиналето на 7-ми јули во Сочи во 16 часот ќе игра против домашната Русија којашто, исто така, со подобро изведување пенали во неделата ја совлада фаворизираната Шпанија со 5:4 (1:1, 1:1).