Хрватска: Почна третиот бојкот на продавниците, на сила одлуката за ограничување на цената на 70 производи

На повик на платформата „Halo Inspectorе“, во петокот во Хрватска се одржува еднодневен бојкот на купувањето на сите производи и услуги, во знак на протест на потрошувачите поради високите цени, а истовремено стапува на сила и одлуката на владата за директни мерки за контрола на цените на одредени производи, со која се прошири постојната листа од 30 производи со ограничени цени на 70 производи.

Во сабота започнува неделен бојкот на малопродажниот синџир „Konzum“. Еднонеделниот бојкот на „Konzum“ беше одлучен врз основа на анкетата што платформата ја објави на својата веб-страница и која траеше 24 часа на 5-ти февруари. Со одлука на потрошувачите, првиот малопродажен синџир што ќе биде бојкотиран една седмица од сабота 8-ми февруари до петок 14-ти февруари е „Konzum“.

Анкетата забележа 211.638 гласови од 144.732 гласачи. За бојкот на „Konzum“ се изјасниле 31,7 отсто од гласачите, потоа „Plodin“ со 29,1 отсто и „Studenac“ со 6,87 отсто.

Инаку, во средата навечер заврши еднонеделниот бојкот на три трговски синџира – „Lidl“, „Eurospina“ и „dm“ и три производа – „кока-кола“ и други газирани пијалаци, флаширана вода и детергенти за миење садови.

Покрај седмичниот бојкот, 7-ми февруари ќе биде трет последователен петок во кој се повикуваат граѓаните да се воздржат од секаков вид плаќање.

Воедно, од денеска стапува на сила и владината одлука за директни мерки за контрола на цените за одредени производи и категории на производи во трговијата на мало, со која се утврдува список од 70 производи со ограничени цени, а оваа мерка има за цел да помогне во заштитата на граѓаните од високите цени во продавниците.

Претходниот список, кој беше формиран во септември 2023 година, содржеше 30 производи, а сега ги има 70. За новите 40 производи, трговците се обврзани да обезбедат најмалку еден вид артикал од иста категорија производи по највисока утврдена цена. Кога одреден производ е исцрпен, обврска на трговецот е да наведе друг по ограничена цена.