Хрватската Влада денеска до Собранието го испрати конечниот предлог на Законот за трговија, според кој дуќаните вообичаено ќе бидат затворени во недела, а трговците можат да изберат 16 недели во годината во кои ќе работат. Новиот закон ќе стапи на сила на 1 јули, рече министерот за економија и одржлив развој Давор Филиповиќ.
„Веруваме дека Законот ќе придонесе за квалитетно функционирање на сите. Сакавме да го направиме одржлив и квалитетен, а беа консултирани сите заинтересирани“, рече премиерот Андреј Пленковиќ, на почетокот на владината седница.
Работното време во трговијата е регулирано така што продавниците ќе се затворени во недела и на празници, а неделниот максимален износ на работно време што трговецот самостојно го распределува од понеделник до сабота е 90 часа.
Предлог-законот предвидува 16 работни недели во текот на годината, пчнувајќи од 1 јули годинава.
„Најдовме модел од 16 работни недели и верувам дека ќе придонесе за правата на работниците и семејниот живот, за квалитетно функционирање во овој нов работен режим во недела, кој беше и е, дел на нашата програма“, рече Пленковиќ.
Според предлогот, трговецот самостојно ќе определува кои 16 недели од годината ќе работи, врз основа на индивидуалните потреби, сезонската, микролокацијата и други релевантни фактори. Во неделите во кои недела е работен ден, максимално дозволените часови се зголемуваат за 15 часа, што е максимум 105 работни часа неделно од понеделник до недела.
Законот пропишува исклучоци за трговците на железнички и автобуски станици, воздушни и фериботски пристаништа, пристаништа за внатрешна пловидба, бродови, бензински пумпи, болници , хотели, музеи и друго. Исто така, исклучоците се однесуваат на откуп на примарни земјоделски производи, продажба на сопствени земјоделски производи на штандови и слично.
Дистрибуцијата на печатот преку киосци, како посебна форма на продажба надвор од продавниците, може да биде отворена во недела и на празници од 7 до 13 часот.