Хрватска повторно од Црна Гора бара да ѝ го врати едреникот „Јадран“

Хрватска во четвртокот ѝ упати протест на Црна Гора поради одбележувањето на деведесет години од тренажниот брод „Јадран“, едреник кој властите од Загреб упорно се обидуваат да го вратата по раздружувањето на поранешната заедничка држава во 1991 година.

Шеесеттина метри долгиот бел едреник од 1933 година до 1991 година бил впишан во флотните листи на хрватски пристаништа. На ремонт во Црна Гора отпловил во 1991 година, кога е впишан во матичното пристаниште Сплит и до денес е во таа земја, како што тврди хрватската страна.

Црна Гора минатата седмица со низа настани ја одбележа 90-годишнината на едреникот „Јадран“, поради што хрватското Министерство за надворешни работи и европски работи во нота изразил „најостар протест“.

„Присвојувањето на туѓата сопственост е спротивно на узусите, меѓународното право и на европските вредности за коишто Црна Гора се определи“, се наведува во соопштението на хрватската дипломатија.

Официјален Загреб ја повикува Подгорица приоритетно да му пристапи на билатералното решение на судбината на бродот „симболот на повеќевековната хрватска поморска традиција“ и дека дотогаш да избегнува еднострани активности кои се спротивни на настојувањата во духот на добрососедските односи, начелата на почитување и меѓународното право да се изнајде трајно решение.

Загреб, исто така, потсетува и дека Договорот за прашања на сукцесијата (распределба на сопственста на некогашната СФРЈ) дава правна рамка и ги обврзува државите настанати со распадот на СФР Југославија да го решат прашањето на воената сопственост, па очекува Црна Гора да ја потврди сопственоста на Хрватска над овој брод и да ѝ го предаде.

Ова прашање ќе остане редовна тема на сите билатерлани средби меѓу Хрватска и Црна Гора, а хрватската страна и натаму ќе биде истрајна за враќање на едреникот, порачуваат од Загреб.

„Јадран“ е едреник за обука кој бил поринат во 1931 година во германското бродоградилиште Хамбург за потребите на тогашната југословенска кралска морнарица. Денес е во посед на војската на Црна Гора. Сопстеноста над бродот до ден денес остана предмет на спор меѓу Хрватска и Црна Гора. Во декември 2021 година, двете земји се согласија да формираат меѓувладина комисија за решавање на неговиот иден статус.

 

Историјат на „Јадран“

Според податоците кои стојат на интернет страницата во врска со бродот се наведува дека договорот за изградба на школскиот брод бил склучен на 4-ти септември 1930 година со германското бродоградилиште „H. C. Stulken Sohn” во Хамбург. Училишниот едреник го добил името „Јадран“, а поринат е на 25-ти јуни 1931 година. Поради проблеми со наплатата на побарувањата од воените репарации, бродот бил завршен дури на 27-ми јуни 1933 година, кога испловил. На 16-ти јули 1933 година, во 10 часот, со свечен пречек впловил во Тиват, и според црногорските власти тоа сè уште е негово матично пристаниште. Но, во ова пристаниште се задржал само неколку дена каде што е чистен и дотеруван и впловил во Сплит каде што повторно е одржан свечено предавање и воведување во службата на југословенската Кралска воена морнарица, на што се повикуваат сега хрватските власти.

Во наредната година школскиот брод „Јадран“ започнал со тренажните крстарења. Пред Втората светска војна имал седум крстарења надвор од Јадранското Море, а по војната само пет, бидејќи другиот школски брод „Галеб“, со кој патува поранешниот југословенски челник Јосип Броз Тито го презел приматот во крстарењата. Приматот „Јадран“ во враќа во 1997 година со крстарење до Грција под знаме на тогашната СР Југославија (Србија и Црна Гора), за да отплови до Лисабон веќе следната година.

Најинтересното и најдолгото патување на „Јадран“, во вкупна должина од 11.262 наутички милји, било на релација Дубровник-Њујорк-Бостон-Дубровник од 20-ти април 1938 година до 21 јуни 1938 година.

Во текот на Втората светска војна, бродот „Јадран“ го користела италијанската морнарица, исто така, како брод за обука под името „Марко Поло“. Со капитулацијата на Италија, започнува тешкиот период на бродот. Запуштен, ограбен, без јарбол, го дочекал крајот на војната во еден од каналите во Венеција каде што служел како мост. Во 1946 година Јадран бил одвлечен во Поморскиот технички институт за ремонт „Сава Ковачевиќ“ во Тиват, каде што бил ремонтиран до 1949 година.

Од 16-ти декември 2013 година до 2-ри февруари 2017 година во Јадранското бродоградилиште во Бијела бил извршен генерален ремонт на Јадранот. За време на четиригодишниот ремонт, кој чинел околу 1,7 милиони евра, „Јадран“ добил целосно нов погонски систем, нов мотор од 650 коњски сили со редуктор, три помошни генераторски мотори, модерна опрема за навигација, комуникации, нов простор за морнари, нова кујна, системи за пиење и морска вода, системи за гориво и нафта, поставена е нова палуба и санирана позлата. Најголемиот товар во генералниот ремонт го понесе екипажот на училишниот брод, кој учествуваше во сите работи, од кои најсложени беше отстранувањето и враќањето на баластот на бродот.