Хрватската полиција ги злоставува мигрантите кои бараат азил

Група бегалци кои барале азил била злоставувана од хрватската полиција на границата со Босна и Херцеговина минатиот месец, соопшти денеска хуманитарната организација Амнести Интернешнл (АИ).

– Шеснаесет лица од Авганистан и Пакистан биле киднапирани, претепани и врзани од страна на хрватски полицајци, кои потоа им размачкувале храна по раните – соопшти Амнести по сведочењето на шестмина бегалци.

Десет мажи се здобиле со сериозни повреди, вклучувајќи скршеници на коските и повреди на главата, а на на една од жртвите оттогаш му е потребна инвалидска количка.

Според сведочењето на жртвите, меѓу осум и десет полицајци во црни униформи ги злоставувале бегалците во текот на ноќта меѓу 26 и 27 мај недалеку од Плитвички Езера, пренесува „Јутарњи лист“.

Според сведоците, полицијата „пукала во воздух, а потоа ги удрила и ги тепала заврзаните мажи со метални шипки и со рачка од пиштол“, се вели во соопштението на Амнести Интернешнл.

– Полициските службеници потоа им триеле кечап, мајонез и шеќер во раскрвавените глави на бегалците и на косата на другите бегалци – се вели во соопштението на организацијата.

АИ информира дека подоцна е разговарано со лекари во БиХ, каде биле протерани азилантите, при што тие потврдиле дека бегалците за време на тортурата се здобиле со фрактура на коски, исеченици, модринки, повреди на главата и колапс на белите дробови.

Хрватското Министерство за внатрешни работи сè уште не ги коментираше обвинувањата.

– Европската унија веќе не смее да молчи и намерно да го игнорира насилството и злоставувањата кои ги вршат хрватските полицајци на границата, бидејќи со тоа дава своја согласност и ги охрабрува сторителите да продолжат да го прават истото, без последици – предупреди Масимо Морати, заменик директор на Канцеларијата за Европа на Амнести Интернешнл.