Хрватскиот кошаркарски репрезентативец Џејлин Смит е нов играч на Партизан

Хрватскиот кошаркарски репрезентативец Џејлин Девон Смит е нов играч на Партизан, потврди во неделата белградскиот клуб на својот официјален онлајн портал.

Смит е дел од хрватската репрезентација од 2022 година, а оваа сезона ја започна во дресот на Виртус Болоња кој е на третото место во Евролигата. Тој во неделата потпиша договор до крајот на тековната сезона со актуелниот освојувач на регионалната АБА лигата и моментално шестиот тим од евролигашката конкуренција.

Партизан ќе биде петтиот европски тим на американскиот 29-годишен кошаркар, кој може да игра на позициите плејмејкер и бек-шутер. Пред да дојде во Болоња Виртус, Смит играше за берлинска Алба и Лудвигсбург, а европската професионална кариера ја започна на германските терени  во Хајделберг.

Смит сезонава има просек од 5,3 поени, 1,5 скок и 0,8 асистенции на 13 натпревари во Евролигата. Играјќи во елитното натпреварување две сезони со Алба и со оваа полусезона во Болоња, неговиот просечен учинок на 77 натпревари е 9,1 поен, 2,3 скока и 2,2 асистенции.

Смит правото на настап за Партизан во Евролигата го стекнува од 18. коло, кога белградскиот тим ќе му гостува на францускиот Асвел. Хрватскиот репрезентативец ќе го носи дресот со бројот 0.