Хрватскиот модел на устав го имавме пред 2001 година, вели Малески

Хрватската формулација е онаа којашто ја имавме пред 2001 година и пред потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Македонија тогаш беше национална држава на македонскиот народ и држава на националните малцинства, изјави првиот министер за надворешни работи Денко Малески за Дојче веле.

Тој поставува и едно реторичко прашање: Кому му е наменета темата „хрватскиот модел во Македонија“?

– Наменета е на еден преплашен и загрижен народ кому му се всадува во мислите, еве веќе триесет години, дека е најгубитничкиот народ на светот. И сето тоа наспроти фактите на мирното осамостојување, членството во ОН, членството во НАТО, почетокот на преговорите со ЕУ… Свесни за важноста државата да продолжи на патот кон ЕУ, македонските социјалдемократи, претседателот на државата и некои странски претставници, посегнаа по зборови на утеха: ништо нема да се случи ако плус 3.000 Бугари бидат запишани во Уставот, токму како во Хрватска која има 22 етнички заедници. Тоа, сепак не е така: Македонија и Хрватска се две различни приказни. Македонските националисти кои ги тресе предизборна треска, да не ја пропуштат шансата предноста во анкетите да ја претворат во победа, посегнаа по една итрина: добро, но тогаш да ја препишеме целата формулација од хрватскиот устав. Всушност, таа хрватска формулација е онаа којашто веќе ја имавме пред 2001 и пред потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Македонија како национална држава на македонскиот народ и држава на националните малцинства – потсетува Малески.

Таа формула, вели тој, почиваше врз принципот еден човек-еден глас, која во отсуство на механизми за гаранција на колективните права на малцинствата, се претвори во доминација на мнозинството врз малцинството како трајна состојба која никакви избори не можат да ја променат.

– Всушност, тоа е таа мајоризација која ги потпали војните во Југославија, кога другите нации се спротивставија на српската хегемонија на Слободан Милошевиќ. Одбивајќи отворено да дебатираме за истата опасност во независна Македонија и да преземеме чекори кон промена на системот, 10 години лизгавме кон етнички конфликт кој се случи во 2001 година. Имено, балансот се поремети во моментот кога српските сили на македонско-косовската граница беа потиснати од НАТО на територијата на Србија. Истите сили ни пристапија напомош во моменти кога се разгоре меѓуетничкиот конфликт во нашата држава и го сочуваа територијалниот интегритет на Македонија. Цената беше Охридскиот договор, во кој беа вметнати консензуални елементи во политичкиот систем и уставни инструменти дека процесот на одлучување нема да може да ја заобиколи втората по бројност етничка заедница, албанската. Со тој договор станавме мултинационална држава, факт кој не можеше да го сокрие ниту една прилично несмасна формулација на преамбулата на новиот устав. Наложен од надвор како спасоносно решение за младата македонска држава, моделот успешно го одржува мирот во земјата, еве веќе дваесет години – оценува Малески.

Инаку, како што е наведено во Преамбулата на хрватскиот Устав: „Република Хрватска се востановува како национална држава на хрватскиот народ и држава на припадниците на национални малцинства“, по што поименично се наведени 22 малцинства.

Предлогот да се прифати ваквиот хрватски модел во Македонија наиде на силни критики кај партиите на Албанците во земјава, а и премиерот Димитар Ковачевски вчера ја посочи нужноста од македонски модел и со македонски консензус.