Хрватскиот ракометарски интернационалец Лука Циндриќ по завршувањето на наредната сезона го напушта македонскиот и европскио шампион и од 1 јули 2018 година ќе биде играч на Кјелце.
Лука Циндриќ потпишал тригодишен договор со полскиот шампион и во Кјелце треба да го замени Урош Зорман. Трансферот во полските медиуми го потврди и претседателот на Кјелце, Бартус Сервас.
„Јас сум многу среќен, бидејќи се работи за играч од висока класа, како што се покажа и на годинашниот Ф4 турнир во Лигата на шампионите. Мислам дека Лука ќе биде достоен наследник на Урош Зорман во нашиот тим. Заедно со Дејан Бомбач мислам дека тие ќе бидат најдобриот плејмејкерски тандем во светот“, изјавил претседателот на Кјелце, Бертус Сервас.
Од Вардар во Кјелце на крајот на оваа сезона ќе замине и десниот бек, Алекс Душебаев, кој ќе му се придружи на неговиот татко кој ја води оваа екипа, Талант Душебаев.