Израелските власти го доведоа присилното раселување на Палестинците во Газа до точка каде што тие мерки претставуваат воени злосторства и злосторства против човештвото, се вели во извештајот на организацијата за човекови права Human Rights Watch (HRW) објавен во четвртокот.
Извештајот е последен во серијата документи на хуманитарни групи и меѓународни тела кои предупредуваат на страшната хуманитарна ситуација во палестинската енклава.
„Human Rights Watch откри дека присилното раселување е широко распространето, а доказите покажуваат дека тоа е систематско и дел од државната политика. Таквите дела, исто така, претставуваат злосторства против човештвото“, се посочува во извештајот.
Израелската армија и министерството за надворешни работи веднаш не ги коментираа наводите, но израелските власти претходно ги отфрлија таквите обвинувања и тврдат дека нивните сили дејствуваат во согласност со меѓународното право.
Военото право забранува присилно раселување на цивилното население од окупираната територија, освен кога тоа е неопходно поради безбедноста на цивилите или поради итни воени причини.
Израел изврши сеопфатна инвезија во Појасот Газа минатата година откако напаѓачите од Хамас и придружените екстремни групации изведоа ненадеен упад без преседан во амсовноста, организираноста и бруталнсот во јужен Израел, напаѓајќи воени бази, кибуци и градови при што убија околу 1.200 од кои околу 310 припадници на израелските вооружени одбранбени формации вклучително и војници, и одведувајќи во заложнишво во Газа повеќе од 250 луѓе, според Израел.
Оттогаш, израелската војска уби повеќе од 45.500 луѓе, според здравствените власти во Газа, од кои три четвртини се деца и жени, и ја уништи инфраструктурата на енклавата, принудувајќи ги повеќето од нејзините 2,4 милиони жители да се преселуваат по неколкупати во малата, тесна крајбрежна област.
Израелските војници потиснаа десетици илјади луѓе од северниот дел на Појасот Газа минатиот месец додека се обидуваат да ги уништат силите на Хамас, за кои армијата вели дека наводно се концентрирани околу градовите Џабалија, Беит Лахија и Беит Ханун.
Од Human Rights Watch велат дека раселувањето на Палестинците „веројатно било планирано да биде трајно во тампон зоните и безбедносните коридори“, за што додаде дека би претставувало „етничко чистење“.
Израелската армија негира дека има намера да создаде постојани тампон зони, а министерот за надворешни работи Гидеон Саар во понеделникот рече дека на Палестинците раселени од своите домови во северна Газа ќе им биде дозволено да се вратат по војната.