Хутите од јеменското бунтовничко движење „Ансар Алах“ извршија ракетен напад врз градот Еилат на југот на Израел, изјави денеска портпаролот на движењето Јахја Сари.
Претходно, израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека нивната противвоздушна одбрана пресретнала ракета земја-земја над Црвеното Море.
Во меѓувреме продолжуваат изралеските напади и бомбардирања на југот на Газа.
Најмалку 13 Палестинци загинаа, а десетици се ранети во израелските воздушни напади врз Рафах, објави палестинската агенција Вафа.
Министерството за здравство на Газа, кое го раководи Хамас, соопшти дека во последните 24 часа во израелски напади загинале вкупно 112 Палестинци, а 148 се повредени.
„Рафа е лонец на очајот под притисок и се плашиме од она што следува, изјави Јенс Лаерке, портпарол на агенциите на ОН во Газа.
Министерот за одбрана на Израел Јоав Галант, соопшти дека израелските сили ќе ја продолжат воената кампања кон Рафа, каде што се засолнија голем број палестински бегалци кои го напуштија северниот дел на Газа.
Катар, кој посредува меѓу Израел и Хамас, најави дека двете страни се блиску до постигнување договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците кои се уште ги држи Хамас во Газа, но офцицијална потврда за тоа засега нема.
Од почетокот на конфликтот меѓу Хамас и Израел, според палестински и извори на ОН, загинале најмалку 27. 100 Палестинци, а повеќе од 66. 200 се ранети.